Со изградба на 1.500 дома покрај своето седиште во Менло Парк, „Фејсбук“ сака да го реши проблемот со сѐ поскапите станови и кирии во Силиконската долина. Дел од становите ќе бидат пониски од пазарната цена.
„Фејсбук“ планира да изгради сопствено „село“ со 1.500 дома за работниците на кои им е проблем да плаќаат кирија за стан во сѐ поскапата Силиконската долина.
Раководителите на најголемата социјална мрежа во петокот ги предале плановите за „Willow Campus“, со кои би се изградил цел нов кварт со трговски центри и јавни простори отспротива на нивното седиште. Според наводите, тие биле присилени на ваков чекор бидејќи локалните власти не вложиле во инфраструктура, што довело до огромен раст на цените и на долгите патувања на работниците.
– Нашата цел е да создадеме село со мешовита намена што ќе ги овозможува потребните услуги, сместување и решение за превозот, но и канцелариски простор – изјавил Џон Тенан од „Фејсбук“. Во канцелариите во Менло Парк работат повеќе од 9.000 луѓе.
Градоначалничката на Менло Парк, Кирстен Кит, го поздравила планот на „Фејсбук“ да се реши кризата со цената на кириите. Имено, само од 2010 година во широкото подрачје на Сан Франциско се создадени повеќе од 640.000 нови работни места, но изградбата на станбениот простор не е ни близу до тој раст. Кит на „Твитер“ напишала дека се надева дека и другите компании ќе излезат со слични планови.
Како што пренесува „
Гардијан“, само 15 отсто од становите што ќе ги изгради „Фејсбук“ ќе бидат пониски од пазарната цена. Инаку, со просечна кирија од 3.943 долари за двособен стан, Менло Парк ја има една од највисоките цени во САД за оваа ставка.