X
 29.02.2020 Живот

Цело село во Швајцарија е во опасност поради 3.500 тони муниција од Втората светска војна

На жителите на швајцарското село Митхолц им било кажано дека можеби ќе треба да ги напуштат своите домови на период од повеќе од една деценија поради чистење депонија на оружје од Втората светска војна која се наоѓа во близина на селото.

Во 1947 година од неочекувана експлозија во Митхолц починале деветмина и многу градби биле уништени. Во селото има 3.500 тони муниција останата од Втората светска војна. Министерството за одбрана на Швајцарија вели дека шансите за нова експлозија се потценети и дека ризикот за животот на жителите сега е неприфатлив.


Фото: Митхолц/Wikipedia

Од министерството велат дека чистењето на депонијата се очекува да почне во 2031 година по напорни подготовки. Можеби ќе биде потребно и преместување на пат што поминува низ селото. Во тек се консултации со жителите и локалните бизниси кои треба да се изјаснат за своите понатамошни планови до 17 април.


Фото: Митхолц/Wikipedia

На својата веб-страница швајцарското министерство за одбрана изјавува дека ќе им понуди поддршка на оние што ќе бидат принудени да се селат, но за тоа ќе бидат потребни разговори со семејствата. Доколку евакуацијата предизвика проблеми и не ги задоволи целите за заштита, можно е намалување на ризикот со покривање на местото со камен.


Фото: Митхолц/Wikipedia

Околу местото во моментов има повеќе системи што ги мерат промените во температурата, испуштањето гас и движењето на карпите. Составен е и план за итно реагирање во случај на инцидент.

Извор: News.sky.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот