Барселона, главна шпанска дестинација за одмор, објави дека ќе забрани да се изнајмуваат станови за туристи до 2028 година, што е неочекуван драстичен потег, со цел да ги намали високите трошоци за домување и кирија и да го направи градот попогоден за жителите.
Левичарскиот градоначалник на градот, Жауме Колбони, изјави дека до ноември 2028 година Барселона ќе ги укине лиценците за 10.101 стан што моментално се одобрени како краткорочни изнајмувања.
- Се соочуваме со она што веруваме дека е најголемиот проблем на Барселона. Туристичките станови што постојат денес ќе исчезнат до 2029 година - изјави Колбони на настан на градската влада.
Бумот на краткорочните изнајмувања во Барселона придонесе некои жители да не можат да си дозволат да изнајмат стан бидејќи кириите се зголемија за 68 отсто во изминатите 10 години, а трошоците за купување куќа се зголемија за 38 отсто.
Локалните власти најавија ограничување за краткорочно изнајмување на места како што се Канарските Острови во Шпанија, Лисабон и Берлин во изминатата деценија.
Шпанската социјалистичка министерка за домување Изабел Родригез рече дека ја поддржува одлуката на Барселона.
- Потребно е да се направат сите неопходни напори за да се гарантира пристап до прифатливи станови - објави таа на нејзиниот твитер-профил.
Но, асоцијацијата за туристички апартмани на Барселона, „Апартур“, вели дека забраната ќе предизвика пораст на нелегални туристички апартмани.
- Колбони прави грешка што ќе доведе до поголема сиромаштија и невработеност - се вели во соопштението од асоцијацијата.
Хотелите ќе имаат корист од овој потег. Отворањето нови хотели во најпопуларните области на градот беше забрането од страна на екстремно левичарската партија која беше на власт помеѓу 2015 и 2023 години, но Колбони рече дека може да се ублажи ограничувањето.
- Овие 10.000 станови ќе ги користат жителите на градот или ќе излезат на пазарот за изнајмување или продажба - изјави Колбони.
Локалната влада на Барселона изјави дека ќе го задржи својот „силен“ режим на инспекција за откривање потенцијални нелегални туристички апартмани откако забраната стапи во сила.
Во последните години во градот не се дозволени нови туристички апартмани. Локалната влада нареди затворање на 9.700 нелегални туристички апартмани од 2016 година и околу 3.500 станови беа обновени за да се користат како примарно домување за локалните жители. Но, тоа не го спречи зголемувањето на бројот на посетители на градот, особено откако беа укинати ограничувањата за патување за време на ковид-пандемијата.
Извор:
The Guardian
Фото: Freepik