X
 18.07.2017 Култура

Од еден ситен пропуст произлезе цел нов жанр


Сцена од црно-бел филм на Џорџ Ромеро
(Фото: Themoviedb.org)

Креаторот на жанрот „зомби филм“, Џорџ А. Ромеро, почина во неделата во 77. година од животот, како последица од рак на белите дробови, во болница во Торонто, а „Ноќ на живите мртовци“ и многубројните продолженија на овој филмски класик извршија трајно влијание врз индустријата на хоророт, пишува „Ројтерс“.

Во 1968 година Ромеро го напиша и го режира филмот „Ноќ на живите мртовци“ во кој, накратко, „живите мртовци“ ги напаѓаат луѓето со намера да ги изедат, а по него следуваа и продолженија, како што беше „Зора на живите мртовци“ од 1978 година.

Ромеро, кој е роден во Бронкс во Њујорк, го привлекувале приказни за чудовишта што им се блиски на луѓето кои тероризираат, рече неговиот деловен партнер Питер Гранвалд, кој ја извести јавноста за смртта на Ромеро.

„Тие не се луди, фантастични чудовишта, туку наши соседи, роднини и пријатели. На тој начин се и пострашни од големите научнофантастични чудовишта“, изјави Гранвалд.

Се смета дека Ромеро влијаел врз цела генерација филмски творци, како што се Квентин Тарантино, Гилермо дел Торо, Роберт Родригез и Вес Крејвен во доцната фаза на творештвото.

Ромеро поседувал мала продуцентска куќа во моментот кога успеал да убеди уште девет лица да вложат помали износи на пари во финансирањето на „Ноќ на живите мртовци“, потсети Гранвалд.

Оригиналниот наслов „Ноќ на месождери“ го променил дистрибутерот на филмот, Волтер Рид. После таа промена, филмот преку нечиј пропуст не добил ознака за заштита на авторските права, со што дошол во зона на јавна употреба и секој можел да го дистрибуира бесплатно, пишува „Ројтерс“.

Во 2016 година, за „Њујорк тајмс“, Ромеро изјавил дека тоа го „одржало филмот во живот“ и дека на тој начин го виделе многу повеќе луѓе.

Сработен за околу 114 илјади долари, црно-белиот филм заработи околу 30 милиони долари низ светот, според податоците на интернет-страницата IMDB.com, посветена на кинематографијата, телевизијата и другите облици од светот на забавата. Според истиот извор, „Зора на живите мртовци“ заработил 55 милиони долари.

„Комерцијалниот успех му овозможи да создава филмови по свои услови“, рече Гранвалд.

Другите продолженија ги вклучуваат „Ден на живите мртовци“ (1985), „Земја на живите мртовци“ (2005), „Дневник на живите мртовци“ (2007) и „Преживување на живите мртовци“ (2009).

Во 1978 година исто така го режирал вампирскиот филм „Мартин“, а во 1982, со Стивен Кинг соработувал на филмот „Creepshow“, додека во 1993 година го режирал и филмот „The Dark half“ работен според роман на Кинг.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура