Веќе некое време во Народниот театар на Република Српска во Бања Лука се игра претставата „Дервишот и смртта“ во режија на нашиот пoзнат режисер Дејан Пројковски, работена според еден од најголемите романи од перото на ненадминатиот Меша Селимовиќ. Според критиката објавена на порталот „Ехо“ во рецензија со наслов „Епот Дервишот Индустријл од Пројковски“, се вели дека да се оживее романот приспособувајќи го на театар не е потфат што е лесно да се изведе, но на режисерот Дејан Пројковски, со неверојатната екипа на актери, сценографија, музика и кореографија, му тргнало од рака такво нешто, и тоа маестрално, да направи на сцената на Народниот театар на Република Српска.
- Оваа претстава е продукциски мастер-клас и може да му служи на чест на Народниот театар - пишува „Ехо“.
Не смееме да заборавиме дека романот „Дервишот и смртта“ е прогласен за роман на векот и дека тоа е дело што никогаш нема да ја изгуби својата важност и квалитет.
- Имав можност да ја погледнам претставата (конечно) и го пишувам ова само за да убедам што е можно повеќе луѓе да ја гледаат и за да се почестат со неверојатна културна вакцина за време на оваа епидемија - вели критичарот Зоран Матиќ во рецензијата.
За да го оправда насловот, тој ја споменува сценографијата, која е неверојатна, во согласност со времето, а сепак некако футуристичка.
- Како „Рамштајн“ да имал концерт во Сирија во 11 век. Неверојатни носии, голема транзиција помеѓу дијалогот и настаните и најважното, внатрешниот немир на дервишот Ахмед Нурудин. Толку многу стил и внимание во секој детаљ, толку многу нагласени емоции и оние безвременски пораки што се главната одлика на овој роман - пишува во рецензијата.
Пројковски во Бања Лука приреди вистински театарски спектакл со триесетина луѓе на сцена, кој траел цели 160 минути.