Експертката за сајбер-безбедност Лиeн Галовеј открила исклучително големи пропусти во врска со алатката која им овозможувала на луѓето да ги „оживеат“ своите стари профили на „
Мајспејс“ .
Пропустите се толку сериозни, што кој било може лесно да пристапи до личните податоци на секој поранешен корисник на „Мајспејс“ и да ја загрози неговата приватност, предупредува Галовеј.
Популарноста на „Мајспејс“ почна да опаѓа пред 10 години, кога на сцена стапија новите социјални мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“, но мнозинството поранешни корисници на „Мајспејс“ не ги избришале своите профили на оваа мрежа.
Со оглед на тоа што повеќето луѓе не се сеќаваат на своите поранешни електронски пошти, кориснички имиња и лозинки, „Мајспејс“ им овозможи лесен начин за „оживување“ на профилот, кој не вклучува внесување на овие податоци.
„
Мајспејс од вас бара да го внесете само името, корисничкото име и датумот на раѓање. Но првите два вида податоци може секој да ги пронајде со едноставно пребарување на
Гугл. Корисничкото име се наоѓа во УРЛ-адресата на профилот, а името на профилната страница“, наведува Галовеј.
„Најтешко е да стигнете до датумот на раѓање, но не е невозможно. Голем број луѓе секако ги внеле овие податоци на профилите на
Фејсбук или
Твитер. Значи, потребни се само три податоци за некој да ја преземе контролата над вашиот профил и да ги злоупотреби личните податоци“, додава експертката.
Најдобриот совет би бил итно да го избришете вашиот профил на „Мајспејс“, доколку сѐ уште е активен.
Галовеј се обратила во „Мајспејс“ во април оваа година, но од компанијата добила само автоматска порака.
Ова не е првпат да е загрозена безбедноста на поранешните корисници на „Мајспејс“. Компанијата во 2013 година соопштила дека хакерите успеале да компромитираат 360 милиони профили на таа социјална мрежа.