Паметните телефони со текот на времето ќе исчезнат. Во трката за нивно докрајчување се „Епл“, „Гугл“, „Мајкрософт“ и „Фејсбук“.
Можеби не сте толку свесни, но сведоци сме на рани фази од битката која ќе одлучи кој ќе доминира во следната фаза од развојот на компјутерската технологија.
„Епл“ и „Гугл“ во моментов доминираат на пазарот за паметни телефони, но тоа не значи дека таа позиција ќе ја задржат кога во арената ќе се појават целосно нови платформи. Од типот на, да речеме, оние со проширена и виртуелна реалност.
„Амазон“, „Мајкрософт“ и „Фејсбук“ отстрана го гледаа подемот и ширењето на паметните телефони, па се очекуваше дека нема да седат со скрстени раце и дека ќе ги пропуштат шансите што ги нуди новата технологија. Напротив, речиси сигурно ќе ѝ излезат во пресрет на шансата за докрајчување на дуополот „Епл“ и „Гугл“.
Секоја голема технолошка промена ќе им донесе големи можности на неколкумина претприемачи. Во седумдесеттите години од минатиот век „Епл“ и „Мајкрософт“ почнаа да ги градат денешните царства, обложувајќи се на ширењето на персоналните компјутери. Денес „Епл“ е побогата компанија од Ај-би-ем, недопирливиот крал на
mainframe компјутерите.
„Мајкрософт“ се најде во слична позиција како Ај-би-ем откако не успеа да го разбере потенцијалот на паметните телефони. Се сетија дури откако „Епл“ и „Гугл“ загосподарија со пазарот.
Технологиите на проширена и виртуелна реалност би можеле да го донесат новиот голем пресврт и попатно да го „убијат“ паметниот телефон. Зошто би носеле смартфон во џебот кога „Нетфликс“, „Ватсап“, интернет-пребарувачите и повеќе од стотина други сервиси би можеле да ви летаат пред очите, преку паметните очила како моделот „глас“ на „Гугл“ .
Губитниците ќе завршат на маргините
Говорниот помошник „Алекса“ на „Амазон“ веќе допира во доменот на проширената реалност. Во „Мајкрософт“ развија холограмски очила „хололенс“, а во „Фејсбук“ и „Снепчет“ ги вградуваат директно во камерите.
Кој и да излезе како победник, се чини извесно дека новата платформа од смартфонот ќе го направи тоа што персоналниот компјутер им го направи на
mainframe компјутерите – ќе го исфрли на маргините.
Во „Епл“ и „Гугл“ се и тоа како свесни за случувањата. Според пишувањата на „
Бизнис инсајдер“, „Епл“ развива „ARkit“, систем за вградување проширена реалност во апликациите за ајфон што ќе се користат преку камерата на мобилниот телефон. Доколку одлучат да ги исфрлат паметните очила, ќе имаат темел за апликации и уред што ќе може да ги поддржи.
Во „Гугл“ во рамките на неколку проекти работат на развој на платформата за проширена реалност, меѓу кои е и „Танго“. На светот веќе му понудија паметни очила, но неуспешно. Но тоа не значи дека се откажаа.