По осумдесет години откако првпат беше предложено нејзиното постоење, научниците од Универзитетот „Стенфорд“ ја пронајдоа „ангелската честичка“, која истовремено постои како материја и антиматерија.
Антиматеријата е супстанција која се состои од елементарни античестички, за разлика од „обичната“ материја која е составена од елементарни честички.
Секоја елементарна честичка се одликува со некои особини [маса, електричен набој (полнеж), спин...] што ја одвојуваат од другите честички.
За секоја честичка постои и соодветна античестичка, чии особини, како масата или спинот, им се еднакви, а други особини, како полнежот или магнетниот момент, им се спротивни.
Истражувачите долго време сметале дека материјата и антиматеријата, во случај на средба, меѓусебно би се поништиле, при што би ослободиле огромно количество енергија во облик на гама-зрачење или други честички.
Но во 1937 година италијанскиот физичар Еторе Мајоран укажа на можно постоење на типови честички кои самите на себе си се античестички. Ги нарече фермиони.
Сега физичарите првпат во историјата пронајдоа доказ за нивно постоење.
„Ова откритие означи крај на едно од најинтензивните истражувања во фундаменталната физика, долго 80 години“, рече професорот Шученг Џанг од Универзитетот „Стенфорд“.
За да го докажат постоењето на фермионите, научниците морале прво да пронајдат „квазичестички“.
Наспроти тоа што квазичестичките не се однесуваат како честички во природата, се вклопуваат во математичкиот модел неопходен за постоење мајоранфермиони.
Во рамките на еден експеримент, научниците во вакуумска комора поставија два тенки слоја од квантни материјали – едниот суперспроводник и тополошки изолатор – и низ нив спроведоа електрична струја.
Горе го поставија суперспроводникот, а на долната страна тополошкиот изолатор, кој спроведува електрична струја само на својата површина или по рабовите, но не и во средината.
Спојувањето на овие два материјали доведе до создавање на суперспроводен тополошки изолатор, кој ги наведе електроните да се движат на еден начин по едниот раб, а на спротивниот – на друг начин.
Потоа научниците навлекоа магнет преку материјалот, што во прво време доведе до забавување на електроните, потоа до нивно запирање, а на крајот и до менување на нивниот правец.
Во даден момент, во рамките на овој процес се појавија квазичестичките, кои во парови се издигаа од слоевите на суперспроводникот и патуваа кон рабовите на тополошкиот изолатор, токму како и електроните.
Доколку фермионите навистина постојат, тоа би можело да доведе до голем пробив на полето на квантната електроника и појава на компјутер десетина пати побрз од оние што денес ги користиме, пренесува „
Дејли мејл“.