X
 02.03.2020 Образование

Софтвер направен од тројца студенти за полицијата го намали бројот на убиства во Њу Џерси

Полицаецот Видал Ривера поминува низ улиците на Северен Камден, Њу Џерси, каде што тукушто завршил со разговорот со група ученици кои садат цвеќиња со нивниот наставник.

- Кога јас растев тука, ова беше една од најопасните населби во градот - вели 27-годишниот Ривера.

Во 2018 година процентот на убиства во градот бил на најниско ниво во последните 30 години како резултат на промена на структурата во полицијата во Камден. Една од промените што биле направени е користење софтвер направен од стартап-компанијата „Марк43“.

Основана од тројца студенти во 2013 година, „Марк43“ прави софтвер за полициските оддели во големите градови. Компанијата добила финансиска поддршка од 78 милиони долари од повеќе инвеститори, меѓу кои и инвестициската компанија на Џеф Безос, основач на „Амазон“.


Фото: Facebook

Компанијата штотуку објавила дека софтверот ќе биде користен од полициите во Луизијана и Пенсилванија, со што бројот на клиенти на компанијата наминува 70, меѓу кои се и полициите во Бостон, Вашингтон, Сан Антонио и Сиетл. Дигиталната платформа ги поедноставува активностите на полицијата кога станува збор за испраќање полиција на терен, објавување извештаи и анализирање криминални шеми.

Од студентски проект до милионска компанија

Пристапот на „Марк43“ се состои од ново претставување на основните информации што полицијата веќе ги има. Софтверот им помага на полициските оддели подобро да ги претстават информациите кои претходно биле закопани под извештаи и ги претставува на начин на кој лесно се сфаќаат. На пример, со платформата полицајците на мапа на својот лаптоп ја гледаат локацијата на сите колеги што се на терен во населбата. Секој може да ги гледа информациите кои се достапни за одреден инцидент, како и претходните инциденти на истата адреса со детални информации за жителите.


Фото: Facebook

Платформата може да заштеди секунди, но и часови во еден ден. Полицијата во Вашингтон изјавила дека времето за известување на инцидентите се намалило за 80% по користењето на софтверот.

Мет Полега, Скот Крауч и Флориан Мејр, основачите на компанијата, се запознале додека студирале на „Харвард“. Тие работеле на проект со полицијата во Спрингфилд, Масачусетс, за еден предмет и успеале да направат софтвер кој ја следи активноста на криминалните групи со анализа на објави на социјални мрежи. Проектот набрзо станал компанија која собрала финансии од 2 милиона долари на почетокот. Потоа повеќе полиции почнале да го бараат софтверот, а компанијата смислила и нов производ кој бил подобар од првиот.

Во иднина основачите се надеваат дека ќе користат вештачка интелигенција за да им помогнат на полицајците во нивната работа. Компанијата во моментов вработува 180 луѓе.

Автор: Кевин Џ. Рајан
Извор: Inc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование