Нова голема студија од Данска покажува дека нема поврзаност меѓу вакцините против морбили, рубеола и паротитис (ММР) со развивањето аутизам.
Во науката и во здравствените кругови тоа прашање одамна се смета за решено и многу студии објавени во текот на многу години ги отфрлаат тврдењата објавени во една мала студија пред повеќе од 20 години, која беше исклучена од медицинската литература.
Но, големината на новата студија - во која се вклучени 657.461 данско дете, родени во периодот меѓу 1999 и 2010 година - би требало во теорија да го поткрепи аргументот кој лекарите сè уште се принудени да го кажуваат среде нефлексибилното и сè поголемо одбивање на вакцинацијата во некои места.
Трудот е направен од страна на истражувачите во Институтот „Статенс Серум“ во Копенхаген. Некои од истите научници објавија статија на оваа тема во „Њу Ингланд џурнал оф медисин“ во 2002 година, врз основа на податоците од 537.303 дански деца, родени во периодот меѓу 1991 и 1998 година.
Тогаш зошто одново се прави истото? Затоа што депласираната грижа не исчезна, смета Андрес Хвиид, еден од истражувачите вклучени во студијата.
- Идејата дека вакцините предизвикуваат аутизам сè уште е присутна. И антиваксерското движење можеби само се зајакна во последните 15 години. Трендот што го гледаме е загрижувачки - вели тој.
Моментално во САД има шест епидемии на морбили, а во јануари и во февруари се забележани 206 случаи, покажуваат податоците на Центарот за контрола и превенција на болести. Тој број е поголем отколку вкупниот број за 2017 година.
Епидемија на морбили има и во многу други земји низ светот. Европската регионална канцеларија на Светската здравствена организација извести дека низ континентот минатата година имало повеќе од 85.000 заболени и 72 смртни случаи за кои причина биле морбилите.
Но, дали уште една студија која ја негира поврзаноста меѓу ММР-вакцината и аутизмот ќе направи некаква разлика? Не се сите сигурни во тоа.
Во воведна статија објавена заедно со студијата, Саад Омер од Универзитетот „Емори“ забележува дека е важно да се мисли за опортунитетниот трошок кога се носи одлука за посветување истражувачко време и пари за понатамошно истражување на толку познато прашање, пишувајќи дека продолжувањето на оценувањето на хипотезата за поврзаноста може да биде на трошок на неистражување на некои од најнадежните информации.
Тој додава и дека доказите засега не ги победиле скептиците.
- Се вели дека живееме во свет отпорен на факти, каде што податоците имаат ограничена вредност на убедување - вели Омер.
Фото: Business Insider
Но, Хвиид вели дека големината на студијата ѝ дозволила на неговата група да разгледа некои дополнителни тврдења за ММР-вакцината - на пример, дека кај децата што се сметаат за ризични кога станува збор за развивање аутизам, може да има поголема веројатност да се дијагностицира состојбата ако ја примаат вакцината. Тој аргумент некогаш се наведува за деца што имаат брат или сестра со аутизам.
Данските податоци, кои се извадени од национален регистар за здравство, не покажуваат подем на аутизмот кај оваа подгрупа на деца. Ниту пак е забележан почеток на симптоми на аутизам околу тајмингот на вакцинацијата со ММР.
- Не најдовме поддршка за хипотезата за зголемен ризик за аутизам по вакцинација со ММР кај данските деца, нема поддршка за хипотезата дека вакцинацијата со ММР предизвикува аутизам кај осетливи подгрупи карактеризирани со околински и семејни фактори на ризик и нема поддршка за насобирање случаи на аутизам во одредени временски периоди по вакцинација со ММР - пишуваат Хвиид и коавторите.
Омер вели дека фокусот сега треба да биде на студии кои разјаснуваат како најдобро да се убедат родителите кои се колебливи кога станува збор за вакцините дека тие се безбедни и дека се од најдобар интерес за нивните деца. Напредокот се постигнува преку сфаќање како ефикасно да се комуницира со таквите родители, смета тој, забележувајќи дека тие се поголема група од оние гласните лица што категорично ги одбиваат
вакцините.