X
 03.03.2021 Образование

УКЛО: Е-дијалози „Инженерство во општеството“

Водени од помислата дека инженерот трага по решенија за социјалните потреби и проблеми на човекот, за бизнисот и квалитетот на живот во општеството, а дека технологијата се користи за опишување на сето она што човекот го создава, ние како идни инженери кои ќе излезат од клупите на Техничкиот факултет - Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола - УКЛО, одлучивме да го одбележиме 4 Март - Светскиот ден на инженерството за одржлив развој со организација на Е-дијалози на тема „Инженерството во општеството“ и истиот да го искористиме како одличен тајминг за објавување на повикот за втората факултетска, а веќе прва интеруниверзитетска студентска конференција.

Организатори на овој е-настан се Факултетското студентско собрание при Техничкиот факултет - Битола, Организациониот и Програмскиот одбор на студентската конференција „Техниката и урбаниот развој - ТУР“. На настанот со свои теми учество ќе земат професорите и студентите од неколку факултетски единици при УКЛО.

Нашата цел е Е-дијалозите да го унапредат спојот меѓу искуството на нашите професори и ентузијазмот на студентите. Се надеваме дека оваа практична мисла и инженерскиот дух се вистинската алка за натамошен одржлив развој на општеството во кое живееме оставајќи ги зад нас нашите инженерски проекти, истакна студентката Билјана Велјановска, претседател на Организациониот одбор на конференцијата.

дијалози

Верувам дека со ваков елан работеле и нашите претходници, кои во 1968 година ја основале Светската федерација на инженерски организации во која членуваат национални инженерски организации од над 90 земји од светот со над 20 милиони инженери. 4 Март е прогласен за Светски ден на инженерството за одржлив развој на 206. сесија на Извршниот одбор на УНЕСКО. Денес, како нивни наследници, ги следиме целите на Обединетите нации за технолошки напредок и одржлив развој на општеството, чии главни заложби се подигнување на свеста за значењето на инженерите и инженерството во глобални размери, развој на научни решенија за решавање на климатските промени и издигање на инженерските профили и нивната улога во подобрување на квалитетот на живот.

Ние, студентите, додаде Билјана Велјановска, се водиме по мислата на Маскагундам Висвесвараја (1860-1962), еден од најдобрите индиски инженери:
 „Инженерот е личност која го открива светот преку своето пенкало и ум“, затоа што да се стане инженер, значи да се има способност целокупното знаење да се преточи во решавање на тековните општествени состојби и подобрување на условите. Секој млад инженер верува во употребната вредност на неговото ремек-дело, а за да се постигне тоа, потребно е врвното инженерско мајсторство да се вклопи во една целина со искуството на постарата генерација и ентузијазмот на младите колеги бидејќи без оваа врска низ времето може да исчезнат и најголемите проекти, заклучи студентката Билјана Велјановска, која ќе се најде во улога на модератор на првите Е-дијалози на УКЛО „Инженерството во општеството“.

Свое видување даде и вонр. проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска од Техничкиот факултет - Битола, која воедно е и претседател на Програмскиот одбор и иницијатор за организација на студентската конференција „Техниката и урбаниот развој - ТУР“, која првпат на Техничкиот факултет - Битола и воопшто на УКЛО се одржа на 11 ноември 2020 година, во чест на одбележувањето на Меѓународниот ден на науката.


1 
11 ноември 2020 - Прва студентска конференција „ТУР“

Е-дијалозите се директен производ на нашата идеја и заложба студентската конференција да ни стане традиционална и интеруниверзитетска. Имено, јас лично верувам дека ова е и патот за поттикнување за изучување на инженерството и поттикнување на еден афирмиран однос кон знаењето и сметам дека на овој начин ги одржуваме нашите студенти активни и ангажирани, ги мотивираме да ги следат трендовите, да комуницираат и да соработуваат, а пак ние, наставниците, создаваме амбиент за да ги задржиме талентираните кадри и на нашите факултети и во земјата, истакна Јасмина Буневска-Талевска.

Сакам да упатам благодарност што овие иницијативи, заложбата и сиот овој ентузијазам се препознаени од раководството на УКЛО, од раководството на нашиот матичен Технички факултет - Битола, но и од наставничкиот кадар на сите единици на УКЛО.

Во иднина очекувам посмело вклучување на студентите, а посебно ме радува големиот интерес и одѕив за учество на Е-дијалозите на наставничкиот кадар, од каде што и очекувам да дадеме одговори на многу прашања, знаејќи дека инженерството не е директно поврзано со донесување  совршени одлуки, но, затоа ни се тука правните науки, инженерството не може да биде и маркетинг само по себе, но затоа ни се тука организационите, економските и информациони науки, или пак одличен инженер не значи дека ќе биде одличен наставник, но, затоа ни се тука педагошките методи и техники.

agenda

Ќе бидам среќна ако ваквиот приод не зближи, мотивира и инспирира и нас и нашите студенти за заемна соработка, поддршка и нивна едукација за подготвено и смело вклучување во професионалниот свет.

Да заклучам и порачам дека потребата од интеграција на инженерството во развојот на општеството и општествените случувања не била никогаш појасно изразена, што ни потврдува дека првенствено идејата ни е онаа вистинската и дека со обединување на подрачјата и областите правиме дела кои говорат за постоењето на многубројните идеи, а со упорноста и правилната организација на знаењето чекориме кон квалитетно студирање и создавање потенцијал за одржлив општествен развој, додаде вонр. проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование