Според пресметките на експертите, ако луѓето продолжат да користат фосилни горива, просечната температура на Земјата ќе се зголеми од 2 до 4,8 Целзиусови степени до 2100 година. Оваа калкулација е постигната по консензус од околу 97% од научниците од светот.
Како што се загрева воздухот, така сите видови што постојат на Земјата се обидуваат да ги преживеат климатските промени. Истребување на одредени видови веќе е забележано.
Сепак, тим истражувачи неодамна објавиле откритија зошто некои видови се поотпорни, а за некои, климатските промени се сериозна закана. Способноста за движење на голема дистанца претходно се сметала за најкритичен фактор. Ваквата способност се верува дека придонела да се зачуваат одредени видови пајаци што мигрирале во постудени делови на север. Авторите на студијата исто така откриле дека и други фактори се круцијални: брзината на животниот циклус, изборот на храна, натпреварувањето за ресурси во споредба со другите видови и нивната флексибилност.
Истражувачите предвидуваат дека евроазиското глувче, врз основа на овие фактори, ќе успее да ги преживее климатските промени многу полесно отколку, на пример, европската верверица. Глувците можат да јадат различна храна, да живеат каде било, имаат брз животен циклус и можат да патуваат на далечни дестинации.
Научниците сметаат дека како што расте температурата, така климата ќе реагира побрзо и подрастично. Не е изоставена и критиката на научниците што ја упатуваат кон американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот несериозен пристап кон овој глобален проблем. Тие сметаат дека ако светот се залага за Парискиот договор, ќе се создадат повеќе шанси за ограничување на климатските промени, бидејќи дури и драматично намалување на емисиите на штетни гасови може да резултира со смртоносни топлотни бранови, кои може да ги искуси половина од светската популација.
Големите умови, како Стивен Хокинг, сметаат дека луѓето имаат уште 1.000 години живот на Земјата, а како најголем виновник за тоа тој ги посочува
климатските промени. Со сите овие научни мислења и факти, можеби е време навистина да се преземат итни и сериозни мерки.