X
 25.08.2017 Економија

Ќе се гради најголемиот аеродром во светот... Погледнете како ќе изгледа

аеродром
Фото: Zuma press news

Истанбул несомнено е еден од најзначајните градови во историјата на човечката цивилизација. Лоциран на теснецот Босфор, кој ги дели Европа и Азија, преку речиси 27 века од своето постоење, овој град промени три имиња (Византија, Цариград, Истанбул) и бил главен град на две империи (Источна Римска и Отоманска).

Од својот историски центар на европската страна на градот, подоцна се проширил на азиската страна, со која денес го поврзуваат три големи моста.

Со своите 14,8 милиони жители, Истанбул е најголемиот европски град и седми по ред град во светот, според популацијата што живее во административните граници на градот. Благодарение на својата единствена географска положба, низ два милениума служи како врска помеѓу Истокот и Западот, а тој статус не го изгубил до денес.

За ова сведочи и податокот дека низ двата аеродрома во Истанбул минатата година поминале 89 милиони патници. Значително поголем дел се однесува на меѓународниот аеродром „Ататурк“, каде што поминале повеќе од 60 милиони патници, додека на Меѓународниот аеродром „Сабина Когцен“ поминале 29 милиони. Но според разни проекции, просторот за растење на фреквенцијата на „Ататурк“ е многу поголем од моменталниот капацитет. Проблемот лежи во фактот што нема простор за проширување на аеродромот.

Затоа турските власти одлучиле да изградат нов аеродром, на 35 километри северно од европската страна на градот. Тендерот за изградба на аеродромот, кој засега се нарекува „Јени Истанбул Хавалимани“, е објавен во 2013 година, а договорот за изградба и управување со аеродромот, вреден 22 милијарди евра, е доделен на конзорциум од локални градежни компании.

Самата изградба, чија цена се проценува 10,3 милијарди евра, започнала пред две години со план да се одвива во четири фази. Првата фаза би требало да биде готова во октомври 2018 година, кога ќе се отвори зградата со главниот терминал, со капацитет за 90 милиони патници годишно. Со тоа се планира и завршување на зградата со вториот терминал со две писти и затворен паркинг за 12.000 возила.

За да се реализира целта, на градилиштето денес се наоѓаат повеќе од 30.000 вработени. Турските медиуми известуваат дека досега се завршени 57% од аеродромот. Завршувањето на аеродромот треба да биде во 2025 година, а со него да патуваат 120 милиони патници годишно кон 350 дестинации во земјата и светот.

Последната фаза од изградбата на новиот аеродром треба да биде завршена во 2030 година, кога ќе има капацитет за 150 милиони патници годишно. Колку за споредба, тоа се за 45 милиони повеќе од патниците што поминале низ најфреквентниот аеродром во светот, „Хартсфилд-Џексон“ во Атланта. Доколку е потребно, отворена е можноста за понатамошно проширување на аеродромот, со капацитет за 200 милиони патници годишно.

1
Фото: Zuma press news

Како и самиот аеродром, очекувањата на властите од придобивките се мегаломански. Министерот за транспорт Ахмет Арслан вели дека новиот аеродром ќе генерира 4,9% од БДП на Турција, или 79 милијарди долари, а долгорочно би требало да се отворат 225.000 работни места индиректно поврзани со аеродромот.

Меѓутоа, овој мегапроект е поврзан со доста контроверзии. Пред да започне изградбата, управниот суд во Истанбул го стопирал проектот поради непочитување на прописите за подготовка на истражување за влијанието врз животната средина. И покрај заканите од судот, по само неколку месеци бил поставен камен-темелникот на аеродромот, а изградбата започнала наредната година.

ГАЛЕРИЈА
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија