Стадионот наречен „Гранд Стад Хасан II“, кој ќе се гради недалеку од Казабланка, е дизајниран со цел да стане најголемиот фудбалски стадион во светот, со планиран капацитет од 115.000 седишта. Проектот започнува точно навреме за да биде завршен до 2030 година, кога Мароко треба да биде еден од домаќините на 24. Светско првенство на ФИФА за мажи.
Инспирирана од традиционалниот марокански тип на собирање на луѓето познат како „мусем“, структурата на покривот е дизајнирана да личи на голем шатор, поставен во шумската околина на Казабланка. Опкружен со шума, проѕирниот покрив на стадионот ќе биде направен од алуминиумска решетка, подигната на рабовите, за да создаде серија монументални влезови.
Подготовките на оваа локација од 100 хектари започнаа во октомври 2023 година, а стадионот е дизајниран од париските архитекти од студиото „Оуалалоу + Чои“ и светскиот лидер во дизајн на спортски објекти „Популос“.
- „Гранд Стад Хасан II“ е длабоко вкоренет во мароканската архитектура - во древни и исконски фигури: мусемот, шаторот и градината, како и во топографијата и пејзажите на Мароко. Тоа е дарежлив простор, отворен за светот, кој носи почит кон природата што ја штити. „Гранд Стад Хасан II“ во Казабланка е олицетворение на големата традиција на мароканското гостопримство - изјавил Тарик Оуалалоу, главен дизајнер и основач на „Оуалалоу + Чои“.
Околу главната зграда на стадионот ќе има градини и помали спортски терени и комплекси. Оваа „зелена оаза“ вклучува ботанички градини за да додаде ново ниво на интеракција помеѓу стадионот и природата.
Африканската земја Мароко ќе биде домаќин на турнирот заедно со Португалија и Шпанија, а стадионот во Казабланка веќе треба да биде домаќин на финалето и, откако ќе се изгради, треба да го надмине актуелниот рекордер, стадионот „1 Мај“ во Пјонгјанг, Северна Кореја, кој може да прими 114.000 гледачи.
Извор: gradnja.rs
Фото: Oualalou + Choi