X
 25.08.2017 Култура

Во Ерусалим e пронајден мозаик стар 1.500 години


Антички мозаик
(Фото: Reuters)


Во стариот дел на Ерусалим е пронајден антички поден мозаик стар 1.500 години. Станува збор за откритие каде што древна реликвија и антички документ се споени во едно.

Мозаикот е откриен при поставување комуникациски кабли во градот во текот на летото, по што е конзервиран.

Директорот за археолошки ископувања, Давид Гелман, за агенцијата „Ројтерс“ изјави дека ова откритие е вистинско археолошко чудо и сон на секој археолог е да пронајде вака зачувана инскрипција.

Во записот се цитираат римските императори Јустинијан и Константин, кој служел како опат во ерусалимската црква, која ја основа Јустинијан. Се верува дека ова откритие би можело да помогне во проучувањето на градежните проекти што ги спроведувал Јустинијан во градот.

„Побожниот римски император Флавиј Јустинијан и свештеникот и опат Константин го подигнаа ова здание за време на 14-тиот индикт“, испишано е на мозаикот.

Индиктот претставува древен начин на броење на годините кој се користел за даночни цели. Археолозите сметаат дека 14-тиот индикт говори дека мозаикот датира од 550 или 551 година.

Јустинијан бил еден од најпознатите владетели во Византија. Во текот на неговото владеење од 527 до 565 година ја изградил Новата црква во 543 година, една од најголемите христијански цркви во Источното Римско Царство.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура