После првата телепортација на фотон во Земјината орбита, Кинезите неодамна успешно изведоа и телепортација на заплеткани фотони под вода, пишува „
Дејли мејл“.
Истражувачите од Универзитетот „Џио Тонг“ во Шангај, најпрво собрале примероци солена вода од шест различни места од Жолтото Море за да утврдат дали разликите во квалитетот на водата имаат влијание врз брзината на движење на фотоните.
Потоа насочиле сноп од ласерска светлина низ кристал, кој ги разложил светлосните зраци на парови заплеткани фотони.
Се работи за честички кои се поврзани со невидлива врска, и кои во секој момент влијаат една врз друга, без оглед на меѓусебното растојание.
Оваа врска прилично лесно може да биде попречувана од опкружувањето во кое се наоѓа фотонот, особено водата која апсорбира светлина.
Досега со успех беа демантирани ставовите дека квантната заплетканост е неодржлива во оптичките кабли, во атмосферата на Земјата и во вакуум, а тимот на кинески научници сега докажа дека истото е возможно и под вода.
Иако станува збор за растојание од 3 метри, истражувачите потенцираат дека новите докази укажуваат дека е можно да се врши пренос на информации на далечина од 900 метри.
Доколку оваа претпоставка се покаже како точна, новото откритие би можело да го трасира патот на прецизно пренесување информации на значително поголеми растојанија.
Претходните проценки изнесуваа 120 метри.
Експертите наведуваат дека заплетканите честички еден ден би можеле да ни овозможат „квантна комуникација“ – супербезбедно праќање пораки, кои не би се потпирале на кабли, безжични сигнали или кодови. Со оглед што секоја интеракција со една честичка (дури и ако само се набљудува) влијае врз нејзиниот „близнак“, ваквиот начин на комуникација би било невозможно да се загрози.
Да потсетиме, на почетокот на јули оваа година кинеските научници успеаја да телепортираат фотон од Земјата до сателитот Мициус кој кружи на оддалеченост од 500 километри од нашата планета.
Истражувањето е објавено во списанието „Оптикс Експрес“.