Благодарение на големиот телескоп во Европската јужна опсерваторија во Чиле, астрономите успеаја да фотографираат најнапредна слика од ѕвезда досега.
Се работи за Антарес, црвениот суперџин, петнаесеттата најсјајна ѕвезда на небото која е оддалечена 604 светлосни години од Сонцето.
На социјалните мрежи се појавија фотографии од оваа необична ѕвезда, а опсерваторијата објави и видеоснимка во која се наведуваат повеќе детали за самата ѕвезда и останатите спроведени истражувања.
И по бојата и по сјајот, Антарес потсетува на Марс и може да се види со голо око, а дел е од соѕвездието Скорпија. Има 15 пати поголема маса од Сонцето и восхитувачки е како нејзиниот сјај се гледа од Земјата на толкава далечина. Кога би се наоѓала на работ од нашиот соларен систем, нејзините површински слоеви би допирале до Марс.
За жал, Антарес влегува во завршната фаза од својот животен век, што значи дека наскоро ќе дојде до создавање на супернова, ѕвездена експлозија која исфрла огромна енергија за вонредно краток временски период.
Сјајот на суперновата пред експлозијата се зголемува повеќе од милион пати во однос на сјајот во текот на нејзиниот живот. После експлозијата, сјајот постепено опаѓа во текот на неколку недели или месеци.
Ѕвездата на крајот ќе изгуби од својата маса, феномен кој за научниците сè уште останува мистерија. Сепак, постои надеж дека за овој феномен повеќе ќе се дознае при процесот на распаѓање со мерењето на емисијата на гасови, пишува „
Инди 100“.
„Начинот на кој ѕвездите како Антарес губат од својата маса со неверојатна брзина во последната фаза, е мистерија која постои повеќе од половина век“, истакнува Кејчи Онака.
„Интерферометарот на многу голем телескоп може директно да го мери движењето на гасовите во продолжената атмосфера на Антерес што е пресуден чекор кон разјаснување на овој проблем“.