X
 01.06.2018 Живот

Неверојатниот живот и морничавата смрт на Перхан од „Дом за бесење“

Давор Дујмовиќ беше една од најголемите ѕвезди на југословенската сцена. Најпознат е по улогата на Перхан во филмот „Дом за бесење“. На 31 мај 1999 година се обеси. Имаше 30 години.

Дујмовиќ беше редок талент, а во светот на филмот влезе сосема случајно.

Роден е во Сараево, во сиромашно семејство. Сакал да свири на клавир.

- Бевме сиромашни, немав инструмент, но мојата мајка познаваше чистачка во училиштето. Навечер ми ја отклучуваше училницата и таму вежбав - изјавил Давор во една пригода.

Како момче, имал навика по наставата да го посети својот татко, кој работел на пазарот Маркале. Еден ден отишол на сок во ресторанот во близина, а таму биле и Емир Кустурица и неговиот асистент Ќиро Мандиќ. Го повикале на аудиција за филмот „Татко на службен пат“ и на пробното снимање се покажало дека е совршен за улогата.

По овој филм, кој бил награден со „Златна палма“ во Кан, одлучил да се запише на филмска академија. Не му успеало, а подоцна не се ни обидувал.

- На шега велам дека би отишол на Академијата под услов да предавам. Мислам дека немаше потреба бидејќи мислев да се занимавам со глума додека не се заситам, додека публиката и камерата не се заситат од мене, бидејќи никогаш немав намера да бидам глумец - признал во една пригода.

На нецели 18 години Давор станал главен глумец во следниот филм на Емир Кустурица, „Дом за бесење“.

- Перхан дојде како судбина да добијам главна улога по филмот „Татко на службен пат“. Перхан е култ на нешто циганско и ќе биде уште двесте години - изјавил во едно интервју.

Таа улога му ја донела титулата на еден од најдобрите актери во Европа, а тој и неговата партнерка во филмот „Азра“, Македонката Синоличка Трпкова, биле прогласени за најдобриот актерски пар во поранешна Југославија. Прекарот Перхан му останал засекогаш.

Бил споредуван со Дастин Хофман и се чинело дека му се насмевнува светска кариера, но... Тука бајката добива тажен пресврт.



На почетокот на 90-тите години Давор станал зависен на хероин. Се обидувал да се откаже од дрогата, но неуспешно.

- Она што го донесува хероинот не би му го посакал ни на најлошиот непријател. На почетокот беше „мал сум и љубопитен“, но љубопитноста во овој случај ја платив со зависност - раскажувал тој.

Војната го затекнала во Сараево, па затоа заминал во Белград. Во тој период снимил уште неколку филмови, од кои најпознат бил „Подземје“, неодамна прогласен за најдобар филм на Балканот. По завршувањето на војната се преселил во Бања Лука, а потоа во Словенија, кај неговата девојка. Во тоа време се борел со депресија и алкохолизам.

Знаел да каже: „Чекам да се смири Земјината топка“, но не дочекал. На 31 мај 1999 година се самоубил.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот