Најважната и најсериозната улога во животот е да се биде родител. Како што актерите во еден филм тврдат дека секоја улога има своја цена – поради подготовката, времето и трансформацијата со која треба да ја измените сопствената личност, исто така морате да се подготвите и за улогата на родител. Кога се креира филм, се прави поделба на задачите меѓу сценаристот, режисерот, актерите и продуцентот, и треба да се создаде синергија меѓу сите нив за да успее проектот. Во „филмот“ наречен
Родителство, препуштени сте самите на себе, морате да се борите на повеќе фронтови и самите за себе, но и за детето, да бидете и сценарист, и режисер, и актер, и продуцент.
Задача на продуцентот е да ги обезбеди сите финансиски предуслови за да биде снимен филмот, но и да обезбеди атмосфера и енергија на „сетот“ како предуслов за успешност. Работата со луѓе бара трпение. Работата со „мали“ луѓе – уште повеќе. Секој родител се сочува со психолошки предизвици, но исто така и со финансиски.
Родителот мора да се надмине себеси затоа што претставува единствена поткрепа за некое „мало“ битие кое смета на нечија поддршка и водство, затоа што не може само. Ова на некој начин претставува и влог во сопствената иднина. Еден ден родителот ќе биде стар и немоќен и ќе „смета“ на помошта од своите деца. Исто така, успешното родителство е најсигурната инвестиција затоа што ако добро ја одиграте својата улога на „модел“, ќе креирате воспитано, здраво и способно потомство.
Со добра психолошка стратегија може да избегнете да се „потрошите“ во овој процес, а со правилна финансиска организација можете да заштедите и пари и време. Во време на забрзано темпо на живеење, сите работат премногу и сите имаат недостиг на време за другите, па така и за своите деца. Трошоците за одгледување деца честопати се причина за многу двојки да се одлучат да не го преземат овој чекор.
Една од првите дилеми е што ќе правите кога ќе мора да се вратите на работа, па треба да одлучите кој ќе го чува детето. Ако се изземат традиционалните услуги на бабите и дедовците, ќе мора да се одлучите за адекватна градинка или дадилка. Изборот на соодветна градинка секогаш е стресна активност затоа што ги нема во доволен број, тешко се влегува на листата за прием и секогаш постои дилемата дали таму задоволително ќе се грижат за вашето чедо. Едни од можните решенија се и приватните градинки, но само во случај ако имате доволно средства за тоа. Приватните бебиситерки се меѓу најдобрите решенија. Сепак, треба да бидете внимателни затоа што иако сите изјавуваат дека „умеат со децата“, не е лошо да се одлучите за професионално лице, школувано за таа професија, кое претходно добро сте го запознале и добро сте ги осознале неговите вредности затоа што, на крај, истите ќе ги пренесува на вашето дете.
После неопходните кашички, пелени и колички кога вашето дете ќе се осознае себеси и светот околу себе, доаѓаат неопходните играчки. Забавата е еден од најдобрите начини за детскиот развој затоа што оној што ќе научи како да си игра, ќе научи и како треба да живее. Учењето низ игра е најдобриот пат за социјализација на детето.
Влијанието на медиумите и социјалната средина врз развојот на вашето дете едноставно не можете да го избегнете, но можете да го приспособите. Вашето дете ќе биде изложено на реклами, па неминовно ќе се отвори и прашањето за избор на гардеробата. Секое дете во процесот на развој сака да биде уникатно, а и родителите честопати сакаат нивното дете да се разликува од другите. Затоа треба да им се овозможи неопходното чувство дека тие се посебни и од најмала возраст да се учат да носат одлуки, да прават избор и да го креираат сопствениот стил на облекување.
Кога вашето дете ќе почне да ги гради своите први пријателства, доаѓаат и првите организирани роденденски забави. Децата сакаат креативни содржини и се радуваат на својот значаен ден. За среќа на родителите што сакаат да заштедат време и средства, постојат и компании кои ќе организираат и ќе направат сè за вашето дете да има незаборавно искуство од својот роденден.