X
 20.04.2017 Живот

Очите на Европа свртени кон Франција

Ова никогаш не се случило. Пред првиот круг на претседателските избори во Франција, четири кандидати имаат скоро еднакви шанси. Многу Французи сè уште не знаат за што да се одлучат.

франција
Фото: Alliance/Domine

Седум дена пред првиот круг од претседателските избори во Франција, ситуацијата е прилично збунувачка. Толку збунувачка што дури и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер одлучил внимателно да се вмеша: тој предупредува на опасноста од победата на десничарскиот популист, кој громогласно ветува за Франција голема иднина, но и излегување од Европската унија. Токму во Берлин се чека резултатот од првиот круг претседателски избори. Од тоа зависи иднината на ЕУ, благосостојбата, мирот, заедништвото и многу други потценети добра.

Во првиот круг одлуките се носат со срце, во вториот со глава, односно со разум. Токму на овој начин францускиот изборен систем се штити од влегување на екстремисти во претседателската палата. Само во меѓувреме, метеорскиот подем на стариот комунист Жан-Лук Меланшон прави консталација во која тој во вториот круг на изборите ќе биде противнички кандидат на десничарско-популистичката кандидатка Марин Лепен. За кого ќе одлучат Французите? Она што пред неколку седмици се чинеше невозможно, сега се пресели во зоната на возможно.

Успехот на Меланшон покажува дека многу Французи во меѓувреме тежнеат кон радикално решение. Се чини дека помалку им е важно да пронајдат практично решение за нивните проблеми, а уште поважна им е силната идеологија која им ветува славна иднина. Гласачите од двата краеви на политичката скала се скоро исти: поранешни индустриски работници, исфрустрирани, кои отсекогаш бирале претставници од левиот политички спектар, а потоа преминале во десниот, а сега повторно ја избираат левицата. Младите гласачи пак, бесни на политичарите во Париз, сакаат само промена.

Радикалната левица ги мами Французите со паролата „Франција во бунт“ и ветува дека земјата ќе ја напушти ЕУ и НАТО, ќе ја ренационализира индустријата и ќе воведи политички и економски модел кој ќе го отфрли финансискиот капитализам.

Од друга страна, кандидатката на „Националниот фронт“ игра на картата патриотизам. Нејзиното мото гласи: „Прво Франција“, но нејзината економска програма скоро и да не се разликува од програмата на радикалната левица. Тие имаат дури и слични слогани и предизборни ветувања: „Надвор од ЕУ и НАТО, национализирана индустрија“ - за многу гласачи кои не се во состојба да разликуваат, ова е примамливо.

Во целата оваа констелација, надеж за европските соседи е Емануел Макрон. Тој единствено настапува проевропски. Се залага за прогресивно-либерална економска политика, со која закоравениот француски систем конечно ќе се реформира.

И на крај, како кандидат за претседател и понатаму е кралот на скандалот Франсоа Фијон. Неговите поддржувачи се во внатрешноста. Верни му се и покрај сите истраги кои се водат против него. Тие гласачи се убедени конзервативци кои веруваат во реформскиот курс на Фијон - „а ла Тачер“.

За загрижените набљудувачи и соседи постои само една надеж: Французите да ја потиснат наколонетоста кон големите идеологии и уште во првиот круг да бираат со разум. Дотогаш не преостанува ништо друго туку со полна надеж да веруваме дека на екстремизмот ќе му кажат не.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот