X
 06.09.2017 Образование

Во просветните кругови сум сретнал три вида наставници


Наставникот марионета од познатиот филм на Пинк Флојд, „Ѕидот“
(Фото: Pixabay)


Во просветните кругови сум сретнал три „вида“ наставници. Едните не одат на семинари и не се интересираат за бодовите што им ги носат. Другите не ги интересираат семинари, но ги интересираат бодовите, а третите не ги интересираат бодовите колку стручното усовршување.

Летниот распуст, наводно, би требало да користи и за стручно усовршување. Не сум забележал дека е тоа поинтензивно кога немаме часови во споредба со она во текот на годината, но тоа не е многу важно. Како што не е важно токму летниот распуст да се користи за стручно усовршување. Можеби е многу поважно да се користи за ревизија на постојниот систем на стручно усовршување, но и ваков каков што е, не дека е добар, покажа некои значајни механизми според кои функционираат просветните работници.

Кога го споменуваме стручното усовршување, пред сè мислиме на екстерното, она што се случува надвор од институциите и чии ефекти се видливи, засега исклучиво преку бодовите што ги собираат наставниците. Дали тие бодови се гаранција за нешто, тешко е да се каже, иако лесно можеме да уочиме дека наставниците меѓусебно се разликуваат во две нешта. Едното е бројот на бодови, а другото е мотивацијата воопшто да се собираат тие бодови.

Колку што можев да забележам, во поглед на бодовите од семинарите, ми се искристализираа три групи наставници. Првата група (ја нарекуваме прва, иако распоредот не е важен) не е заинтересирана нити за бодовите нити за семинарите. Втората група е заинтересирана за бодовите, но не и за семинарите. Со други зборови, ги посетуваат семинарите исклучиво поради тоа што така наложува законот. И третата група ја сочинуваат оние што се заинтересирани стручно да се усовршуваат, но бодовите не им се преокупација. Што е до мене, јас го почитувам ставот на сите три групи.

Првата група одбива да собира бодови. Не гледа смисла во тоа или не гледа смисла во самите семинари. И тоа е во ред. И јас не сакам да работам бесмислени работи. Колку што сум запознаен, таквите наставници не се санкционираат, така што не ни поднесуваат последици од своето (не)дејствување. Признавам, повеќе би ги почитувал кога би постоеле санкции, бидејќи тогаш би се видело дали моментната бројност на таквите наставници е последица на цврст или аргументиран став, а не на нешто друго и значително поприземно.  

Третата група најмногу ми се допаѓа. Тоа се наставници што се вистински наставници. Тие го разбираат значењето на стручното усовршување и работат на себе. За нив, пред сè, би можел да кажам дека постои извесна гаранција дека станува збор за професионалци.

Втората група ми се чини дека е најзагрозена. Неретко претставниците на првата и третата група на нив гледаат со омаловажување. Да се разбереме, не е исклучено дека ни првата кон третата, ни третата кон првата, не се гледаат на таков начин, но овие во средината немаат многу аргументи на другите групи да им возвратат со „ист поглед“. Но, јас не гледам така на оваа група, напротив. Тоа се луѓе што разбрале што им е работа. „Таква ми е работата, ни јас не ја сакам“, би рекле многумина. Посетувањето семинари и собирањето бодови, впрочем, се дел од работата. Меѓу другото, ретко кој сака да пополнува бесмислени рубрики во дневниците и пет пати да го пишува списокот со ученици во истиот тефтер, но тоа е дел од работата и мора да се направи. Не можеме секогаш да бидеме креативни и со слободен ум. Поголемиот дел од работата на наставникот е здодевен, неинспиративен, па дури и заглупувачки. И ние, сеедно, го правиме. Не сум забележал кој било да се потсмева со кого било поради тоа што другиот го пополнува дневникот. Исто така, не гледам причина да бидеме полни со себе и супериорни во однос на луѓето што одат на семинари исклучиво заради бодовите. Всушност, тие луѓе не го осмислиле таквиот бодовен систем.

Секој од нас носи некакви одлуки што ќе се одразат на него и на неговата работа. Јас знам какви одлуки сум донел и знам што ми носи добро и лошо. Тоа е мој избор и јас ќе ги трпам последиците поради тоа, какви и да бидат. Исто така, мислам дека бодовниот систем на семинарите е сосема погрешен. Но, она што дефинитивно не го мислам е дека треба да се осудуваат таквите одлуки.   


Дејан Бошковиќ
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование