Најновиот амбициозен предлог на руската влада е изградба на пруга со која патниците ќе можат да патуваат од
Лондон до Токио преку транссибирската железничка рута, долга 13.518 километри.
Проектот вклучува изградба на мост долг 45 километри, кој ќе овозможи премин со воз преку Источното Море. Од почетната точка во Лондон патниците ќе минуваат низ срцето на Русија пред да стигнат до крајната одредница Ваканаи во Јапонија.
Предлогот е опишан како „историски мост“ поради пропустот Москва и Токио да постигнат договор и службено да го окончаат антагонизмот кој се појави по Втората светска војна, кога Сталин ги припоил Курилските Острови во 1945 година и кои оттогаш се предмет на територијален спор.
Возот ќе минува низ Германија и Полска пред да стигне во Источна Европа.
Наводно Путин сака да поттикне инвестиции во источните делови на Русија и води сериозни разговори со јапонските функционери да покренат планови.
Неговиот помошник за заштита на околината, Сергеј Иванов, рекол дека врската помеѓу Јапонија и Сахалин, најголемиот руски остров кој делумно бил под контрола на Токио пред Втората светска војна, е долгоочекуван сон.
„На јапонските партнери им нудиме да ја разгледаат изградбата на патот и железничкиот премин од Хокаидо до јужните делови на Сахалин“, рекол Иванов.
Плановите биле претставени на Источниот економски форум во Владивосток.
Во моментов патниците преку транссибирската железница можат да патуваат од Пекинг, преку Монголија, до крајната одредница – Москва, каде што пристигнуваат за помалку од 15 дена, а рутата е најпопуларна меѓу студентите што сакаат авантура.