Студијата, која е објавена во списанието „Нови хоризонти“, покажа дека најчестите дијагнози се истегнување на глуждот, грчеви во мускулите, повреда на тетиви и лигаменти, а за да се намалат, потребна е поголема превенција.
Потребно е да се обрне повеќе внимание на превентивата од повреди кај ракометарите, покажа истражувањето на Христијан Стојановски, студент на Високата медицинска школа во Битола, кој за време на изработката на оваа научна студија беше и член на физиотерапевтскиот тим во ракометниот клуб „Еурофарм Пелистер“. Под менторство на Денис Арсовски, предавач на Високата медицинска школа, преку детален преглед и анализа ги истражи зачестеноста и природата на повредите кај 20 професионални ракометари од овој клуб. Студијата траеше 145 дена, поточно од 25 јули до 17 декември 2022 година, покривајќи го критичниот период од ракометната сезона, односно преминот од летните тренинзи до почетокот на натпреварите во домашната и Евролигата.
Пет месеци секој ден земал податоци од 20 ракометари
За секој од 20. играчи беа направени индивидуални записи со позиција на која игра, сеопфатен преглед на здравствени состојби и спортски повреди со датуми и околности на настанување. Како дијагностички алатки биле користени и дијагностички ултразвук, МРИ-скенирање и рендген. Овие алатки помогнале во поставувањето точни дијагнози и разбирањето на тежината на повредите. Записите вклучиле и стратегии за управување со повреди што ги користи медицинскиот тим.
- Податоците беа земани секој ден од дваесетте играчи во тимот, константно во текот на петте месеци. Се работи за истражување со меродавни податоци за сезоната 2022/23 кога јас како дел од физиотерапевтскиот тим спроведов истражување не со цел да биде објавено, туку само за сопствена лична надградба. Но, со помош на факултетот и мојот ментор, ова истражување успеа да ја види светлината на денот, објавено е во списанието за студентски истражувања „Нови хоризонти“ на Битолскиот универзитет - изјави студентот и автор на трудот Христијан Стојановски.
Зачестени повреди во август, октомври и ноември
Во трудот се објаснува дека ракометот како спортска игра, со ненадејните забрзувања и сложена работа со нозете и рацете, ги изложува ракометарите на низа ризици од повреди. Најчестите дијагнози се истегнување на глуждот, грчеви во мускулите, пателарен тендинитис (повреда на тетивата) и повреди на предниот вкрстен лигамент (ACL).
- Фокусот треба да се пренесе на превентивата од повреди, особено во тим каде што здравјето и времето искористено за рехабилитација се многу важни, па затоа фокусот и целта треба да бидат на превентивата. Истражувањето покажа дека превентивата е недоволно застапена и треба многу да се работи на тоа поле - додава Стојановски.
Според добиените податоци, најзачестени биле повредите во август, октомври и ноември. Ова се совпаѓа со периодот на трансфер и менувањето на местото за обука, што укажува на потребата за зголемена будност во текот на овие преодни фази за да се минимизираат ризиците од повреди.
Фокусот да се стави на превентивната нега
- Решавањето на овие вообичаени повреди може да ја подобри благосостојбата на спортистите, да ги оптимизира перформансите и да ја продолжи долговечноста на нивната кариера, што на крајот ќе им користи и на спортистите и на севкупниот успех на ракометниот тим - пишува Стојановски во трудот.
Тој ја нагласува потребата од холистички пристап кон здравјето на играчите, понатаму важноста од превентивни мерки и стратегии за рехабилитација на глуждот, фокусирани спортски специфични вежби за да се ублажи ризикот од повреди на тетивите, достапноста на напредна медицинска опрема за физикална терапија и друго. На крај заклучува дека заедничките напори на физиотерапевтите, медицинските работници и спортистите се клучни за поттикнување култура на превентивна нега.
- Напорно работевме на трудот. Истражувањето на физикалната рехабилитација траеше неколку месеци и макотрпно работевме на обработката на податоците, односно методологијата на трудот, ги зедовме сите потребни податоци и ги запазивме етичките аспекти во истражувањето - вели менторот Арсовски.
Фото: приватна архива