X
 28.09.2017 Култура

Највредните светски брендови


Седиштето на „Епл“
(Фото: Wikipedia)


„Епл“ е највредниот светски бренд, а го следат „Гугл“ и „Мајкрософт“, покажува анализата на меѓународната консултантска куќа „Интербренд“, која традиционално ги рангира најсилните светски брендови.

Петта година по ред „Епл“ и „Гугл“ ги заземаат првите две места, при што брендот „Епл“ во споредба со минатата година ја зголеми вредноста за три проценти, на 184,2 милијарди долари, а „Гугл“ за шест проценти – на 141,7 милијарда.

„Мајкрософт“ се искачи на третата позиција како еден од 16 бренда што оствариле двоцифрен меѓугодишен раст на вредноста. Четврта е „Кока-Кола“, а следуваат „Амазон“, „Самсунг“, „Тојота“, „Фејсбук“, „Мерцедес-Бенц“ и „Ај-би-ем“, кој ја заклучува листата на првите десет глобални брендови според финансиската вредност.

Оваа година на списокот со највредните 100 светски бренда првпат се појавија „Ферари“ (88 место) и „Нетфликс“ (78).

Најголем процентен раст на вредноста во однос на 2016 година оствариле „Фејсбук“ (48 %), „Амазон“ (29 %), „Адоб“ (19 %), „Адидас“ (17 %) и „Старбакс“ (16 %).

Повеќе од половината највредни светски брендови доаѓаат од четири сектори – автомобилската индустрија (16), напредните технологии (15), финансиските услуги (12) и стоки за широка потрошувачка (9).

Малопродажбата е најбрзорастечкиот сектор, ако се земе предвид растот на вредноста на брендовите во проценти (19 %), а следуваат спортската опрема (10 %), технологијата (8 %), логистиката (7 %) и финансиските услуги (6 %).

Вкупната вредност на најголемите 100 глобални бренда е 1.870 милијарди долари и во споредба со 2016 година порасна за 4,2 проценти, се вели во анализата на „Интербренд“.

Нивната методологија се темели врз три клучни компоненти: финансиска изведба на стоковните марки на производи и услуги, влијанието на брендот врз изборот на потрошувачот и силата со која брендот придонесува за стабилноста и заработката на компанијата.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура