X
 05.02.2020 Живот

Најдобрите индустрии за почнување бизнис годинава

Доколку сакате да основате сопствен бизнис, треба да размислите дали новата компанија ќе ги задоволи реалните потреби на пазарот. Успешните претприемачи умеат да препознаат што недостига на пазарот и работат на наоѓање соодветно решение.

Бизнис-списанието „Инк.“ состави извештај за најдобрите индустрии за почнување бизнис во 2020 чија цел е да им помогне на идните претприемачи да ги препознаат можностите што ветуваат најдобри резултати. Извештајот ги покажува следните сектори како најдобри за основање бизнис годинава.

Услуги за прочистување на водата

Компаниите што работат во овој сектор најчесто нудат изуми за прочистување на водата или пронаоѓање нови извори за питка вода. Од „Инк.“ советуваат дека системите што вклучуваат технологија за тестирање на водата и соодветни софтверски програми може да бараат голема инвестиција. Во САД веќе постојат вакви компании, но и инвестирањето во нив е во пораст во последните пет години.

Унисекс средства за лична хигиена

Живееме во време кога средствата за убавина и грижа често се категоризираат според полот, но ова ќе се менува. Многу стартапи произведуваат кремови, дезодоранси, шампони, парфеми и други производи кои за целна група ги имаат и мажите и жените. Купувачите денес, особено на интернет, се подготвени да пробуваат нови работи и не се лојални на еден или на неколку брендови. Предизвик за новите претприемачи во овој сектор може да биде големата конкуренција, но во извештајот се вели и дека овој сектор ќе продолжи да расте.

Спречување напади со огнено оружје

Се чини дека опасноста од напади со огнено оружје не се намалува во последниот период, особено во западните земји. Компаниите што работат во оваа индустрија нудат тренинзи за реакција во случај на напад или работат со организациите за да поттикнат промени во соодветните закони за да се спречат или да се одговори на вакви инциденти. Во САД се претпоставува дека пазарот за заштитна опрема и услуги за образовните институции, како камери, безбедносни врати и детектори на метал, ќе порасне во следниве години.

Поздрава брза храна

Компаниите во прехранбената индустрија работат на нови производи кои се поздрава верзија од нездравите грицки на кои се навикнати потрошувачите. Новите верзии на брза храна имаат помалку калории и помалку вештачки состојки, а го задржуваат вкусот. Бизнисите во овој сектор се принудени да ги донесат овие промени бидејќи луѓето стануваат посвесни за своето здравје и за храната што ја јадат. Оние што сакаат да почнат нов бизнис во овој сектор треба да имаат предвид дека веќе има голема конкуренција на глобално ниво.

Изуми во логистиката

Оваа индустрија се автоматизира, што нуди многу нови можности за технолошките компании. Се очекува секторот да се развива дополнително, особено со новите опции кои се овозможени од технологијата.

Уреди за домашни миленици

Уредите за набљудување на здравствената состојба не се само за луѓето. Сопствениците на домашни миленици денес повеќе се грижат за здравјето на своите миленици во споредба со порано, а тоа ја зголемува побарувачката за вакви уреди. На глобално ниво, пазарот за ваквите уреди се очекува да достигне вредност од 1,7 милијарда долари во 2024, во споредба со 703 милиони долари во 2019.

Вселенска технологија

Нашата земја нема развиена вселенска индустрија, но насекаде низ светот цените за испраќање ракети во вселената паѓаат. Напредокот во областа на комерцијалните електронски уреди им овозможуваат и на аматерите, па дури и на учениците, да прават мали сателити кои може да стигнат до орбитата. Згора на тоа, капиталното инвестирање во вселенската технологија се зголемува.

Одржливи производи

Многу стартапи и брендови работат на создавање одржливи и поеколошки алтернативи за многу производи што ги користиме секојдневно. Климатските промени повикуваат на намалено користење на пластиката, но тешко е да се убедат потрошувачите да ги сменат своите навики. Тука треба да дојдат на помош иновативните компании во индустријата.
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот