X
 04.10.2017 Економија

Работа во Германија: 63.000 работни дозволи за Балканците!


Градежни работници
(Фото: Pixabay)


Во првите осум месеци од оваа година германската Сојузна агенција за работа издала 63.000 работни дозволи за лица од Западен Балкан, 70 проценти повеќе отколку во истиот период минатата година.

Причината за ваквиот раст е специјалната регулатива за Западен Балкан, воведена на почетокот од 2016 година, пишува германскиот „Велт“.

Кризата предизвикана од доаѓањето на голем број бегалци од Сирија и од Ирак уште тогаш беше влошена и со големиот број баратели на азил од Косово, Албанија, Македонија, Србија и БиХ, пишува германскиот весник.

Германија ги прогласи овие земји за земји со сигурно потекло, па мигрантите што доаѓаат од овие дестинации речиси немаат шанса да добијат азил.

Како реакција на тоа, воведени се значителни олеснувања за работните мигранти од Западен Балкан: кој ќе поднесе сигурен доказ дека има понуда за конкретна работа во Германија, добива работна дозвола, при што не се бара доказ за квалификациите што ги поседува барателот.

Сојузната агенција за работа само проверува дали постојат домашни кандидати за конкретното работно место, но во четири од пет случаи дава зелено светло. Наспроти тоа, критериумите за гастарбајтерите од трети земји се многу строги.

Според сознанијата на Институтот за истражување на пазарот на труд и вработување, ИАБ, од Западен Балкан доаѓаат главно неквалификувани работници (47 %) и полуквалификувани (49,6 %) додека процентот на факултетски образовани работници и други стручни лица изнесува само 3,4 %.

Убедливо најмногу работни дозволи им се издаваат на работниците од градежништвото (речиси половината). Во угостителството побарувачката за работна сила од Балканот исто така е голема, но се бараат и негувателки, хигиеничари и градинари.

Работната виза трае сè додека лицето е работно ангажирано, а се предвидува луѓето да се вратат во своите земји откако ќе останат без работа. Мигрантите, меѓутоа, имаат право на социјални примања доколку работеле во Германија најмалку 12 месеци. Поради тоа, не е исклучено да останат во земјата и ако ја изгубат работата, истакнува „Велт“.

Дозволата на Сојузната агенција за работа не го гарантира правото за влез во земјата, затоа што работниците прво треба да поднесат барање за виза во својата земја, а во повеќето земји од Западен Балкан за виза се чека неколку месеци.

Регулативата за Западен Балкан што беше воведена во екот на бегалската криза важи до 2020 година.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија