Фото: Getty Images
Голем број европски пратеници, како и каталонското движење за независност ја обвинија ЕУ дека малку или воопшто не реагираше на случувањата во Барселона.
Но што би можело да се направи според меѓународното право. Одговорот на ова прашање го дава професорот по меѓународни односи и управување и член на „Центар за студии за европската политика“, Стивен Блокманс.
„Мора да разликуваме две работи. Од една страна, се работи за територијалниот интегритет и идентитет на самата шпанска држава, која во договори со ЕУ (член 4, втора реченица) е заштитена од мешање и напад. Поради тоа Комисијата изјави дека нема да се меша во внатрешните работи на Шпанија, бидејќи во секој случај станува збор за уставниот поредок на земјата“, вели Блокманс.
На прашањето што значи клаузулата во договорите со ЕУ за независноста каква што бара Каталонија, вели дека според меѓународното право никој нема право да се оддели од државата.
„Ова е можно само ако постои заеднички договор во ваков процес. А такво нешто не постои помеѓу Мадрид и Барселона. На меѓународно ниво, какво било унилатерално прогласување на независност на Каталонија не би било признато од Шпанија, ниту од било која друга земја во светот“, вели тој.
Блокманс ја спореди ситуацијата во Каталонија со Шкотска и истакна дека гласањето кое во Шкотска било одржано во 2014 година било направено во целосна согласност со Лондон.
„Владата на Дејвид Камерон беше јасна дека Лондон и останатиот дел од Велика Британија ќе го почитуваат резултатот од референдумот, дури и ако тоа значи независност на Шкотска. Инаку, Тереза Меј во меѓувреме ја повлече оваа одлука на владата“, вели Блокманс.
Тој исто така го коментира насилството што се случи на денот на референдумот во Каталонија.
„Сликите беа брутални и може да се каже дека таму беа повредени правата на луѓето. Но треба да се знае дека тие луѓе свесно учествуваа во незаконски референдум, така што сигурно знаеја дека полицијата ќе ги спречи. Но може да се каже дека имаше несразмерна употреба на полицијата, но Каталонците го користат овој аргумент за делумно да го легитимираат нивниот повик за независност: 'Погледнете што Мадрид прави со нас, ова е чиста репресија...' Член 2 од Договорот со ЕУ предвидува дека малцинствата и човековите права мораат да се заштитат. А овде би можело да се тврди дека Комисијата морала да преземе мерки ако една земја-членка ги прекршила тие права. Би било подобро кога оваа задача би ја доверила на меѓународна личност или организација. Може на пример да се вклучи Венецијанската комисија на Советот на Европа во која еминентни експерти истражуваат вакви прашања, а тие би можеле да именуваат посредник - некој кој го познава меѓународното право“, коментира Блокманс.
Тој истакнува дека е невозможно Европската комисија да го принуди премиерот на Шпанија, Маријано Рахој, на дијалог за каталонскиот проблем.
„Владата во Мадрид мора сама да одлучи дали ќе пронајде конструктивен начин за да се справи со она што се случува во еден од нејзините најважни региони. Мора да постои политичко решение, можеби со поголема автономија за Каталонија па дури и уставни промени. Овде гледаме ескалација што мора да биде запрена со меѓународно посредување. Комисијата тоа не може да го направи бидејќи нема кредибилитет кај
Каталонците, иако тие од неа сега бараат помош. Моментално е важно да се купи време за разговори со двете страни“, заклучува тој.