X
 20.10.2017 Образование

Факултети.мк избира најубав ракопис




Во време кога секојдневно пишуваме на тастатура, кога сè поретко добиваме разгледници и честитки, кога веќе никој не испраќа писма по пошта, кога резултатите покажуваат дека децата во Македонија се неписмени, а ракописот е форма која изумира, Факултети.мк избира најубав ракопис. Ако сметате дека убаво пишувате, напишете ја песната „Убавите жени“ од Блаже Конески на хартија во формат А4 без линии, ставете ја во коверт и испратете ја на адресата на Факултети.мк: ул. „Лондонска“, бр. 19 локал 7, 1000 Скопје, најдоцна до 20 ноември.

За најубавиот ракопис следува убаво изненадување. Бидејќи понекогаш писмата во Македонија не стигнуваат на вистинското место, пред да го ставите оригиналот во коверт фотографирајте го ракописот и испратете ни го на е-адресата info@fakulteti.mk, а ние ќе ви испратиме електронска пошта кога ќе ни пристигне оригиналот.

Ракопис може да испрати секој без оглед на возраста.

Со среќа,
тимот на Факултети.мк

Убавите жени

Убавите жени во мојот народ
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.
О неправда!
Тие им припаѓале на неизбрани мажи,
нивните коси дење сплетени во прцлиња
ноќе распуштени по градите и колковите.
Нивниот постап на препелица
набрзо го сопинала унечка,
нивната младост поминувала
како мирис на липа што го одвева ветрот.
Набрзо тие седнувале на порта
со наведната глава и издадени коленици,
со нечујна издишка.
Убавите жени, несреќните жени
тие брзо прецутувале
како цут од кајсија
како мајски јоргован.

Блаже Конески
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование