X
 24.09.2017 Култура

Франц Кафка. Целиот процес.


Франц Кафка
(Фото: Wikimedia Commons)


„Мачниот страв кој провејува од оваа книга, во поедини моменти е тешко да се издржи и да се спротивстави на чувствата: зар, тоа прогонувано суштество сум јас?“, вели Андре Жид за романот на Кафка – „Процес“.

По повеќе од 100 години од настанувањето на романот „Процес“ на Франц Кафка, cause célèbre на светската книжевност од 20 век, ракописот е изложен во музејот Martin-Gropius-Bau во Берлин. Страниците од ракописот се подредени по оној редослед и распоред како што ги одредил Макс Брод, пријателот на Кафка и овластено лице за неговото наследство. Берлинската изложба го обновува поредокот кој бил претставен на изложбата под наслов Der ganze Prozess во 2013 година во „Книжевниот музеј на модерната“ во Марбах. Овој ракопис конечно е складиран во „Збирката на германскиот книжевен архив“ во Марбах, кој поседува и други значајни ракописи од Франц Кафка.

Во непосредна близина на Гропиусбау во Штреземанштрасе 111, се наоѓа хотелот „Ашкански двор“, каде на 12 јули 1914 година се случил легендарниот разговор помеѓу Франц Кафка и Фелиса Бауер, нејзината сестра Ерна и пријателката Грета Блох, по што веридбата на Кафка со Фелиса била раскината. Кафка оваа средба ја доживеал како „судење во хотел“, за што подоцна пишувал во својот „Дневник“. Така и се развила идејата за романот. Во август 1914 година, по започнувањето на Првата светска војна, Кафка почнал да работи на овој ракопис, така што до јануари 1915-та во најголем дел бил завршен. Денес, овој роман на Кафка се смета за негово најважно дело.

Сочуваните 171 страница од ракописот се спротивставуваат на вообичаената претстава дека романите се создаваат линеарно  „од почеток до крај“. Кафка, кој работел како правник во еден завод  за осигурување, го пишувал ова дело шест месеци, поглавје по поглавје, во десет различни тетратки од по 40 страници во таканаречен „квартен формат“. „Процес“ првпат е објавен во 1925 година, една година по смртта на Кафка, во берлинската издавачка куќа Die Schmiede, а го подготвил Макс Брод.

Изложбата е дополнета и со филмот на Орсон Велс од 1962 година  каде настапуваат Ентони Перкинс, Жана Моро и Роми Шнајдер, како и со фотографиите од збирката на издавачот Клаус Вегенбах, која ја приредил Ханс-Герд Кох. „Процес“ е изложен на 51 различен светски јазик. Скапоцениот автограф во 1988 година, како заеднички финансиски проект на германската влада, фондацијата за култура на сојузните покраини и самата покраина Баден-Виртемберг, на една аукција одржана во Лондон, е купен по цена од 3,5 милиони германски марки, што во тоа време значеше дека автографот бил најскапоцениот аукциски предмет. Кафка често пишувал истовремено во различни поглавја, паралелно со своите записи во „Дневниците“ и скиците за други текстови. Само еден ден после работата на ова дело, тој запишал: „Воопшто не спиев. Попладнето три часа тапо и без сон лежев на канапето, и преку ноќта, исто така. Но тоа не смее да ми пречи“.

Во јануари 1915 година, Кафка прекинал со работата на овој роман. Во септември објавил неколку страници во еврејскиот неделни „Самоодбрана“. Во 1920 година, целиот ракопис му го предава на својот пријател Макс Брод. Но во 1921/22, Кафка го замолил Брод необјавените текстови „без остатоци, непрочитани, да ги запали“. Брод не ја испочитувал оваа молба, и една година по смртта на Кафка, направил свој избор и објавил дел од ракописите на „Процес“.

Со подоцнежните изданија од 1935 и 1946 година, Брод сметал дека контурите на ракописот веќе се оформени, направил мали корекции во некои делови од текстот, ја усогласил ортографијата и ја дополнил интерпункцијата. Во средината на март 1939 година, само неколку часа пред влегувањето на Вермахтот во Прага, Брод го напуштил градот, со себе носејќи го и „Процес“. Во воените години живеел во егзил во Палестина, а ракописот од романот ѝ го подарил на својата секретарка и животна сопатничка, Естер Хофе. Таа во 1988 година одлучила да го даде на аукција, каде автографот бил купен за Deutsche Literaturarchiv Marbach. Овој архив после Bodleian Library во Оксфорд, ги поседува најзначајните ракописи на Кафка. Се работи за 171 страница, згуснато и набрзина напишани, со многу исправки, прешкртани зборови и дамки од мастило – еден од најпознатите ракописи на светската книжевност. Под наслов „Франц Кафка. Целиот процес“, овој славен, недовршен роман сега може да се види во оригинал во Берлин. „Тоа е како да гледаме преку рамото на Кафка“ вели интендантот Томас Оберендер при отворањето на изложбата во музејот Martin-Grpopjus.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура