Хебрејскиот универзитет во Ерусалим открил ракописи на Алберт Ајнштајн, многу од нив досега непознати за јавноста.
Повеќе од 110 новооткриени документи се изложени на универзитетот, по повод одбележувањето 140 години од раѓањето на овој научник. Колекцијата вклучува и научни трудови на добитникот на Нобеловата награда што никогаш не биле објавени или истражувани.
Документите ги донирала фондацијата „Кроун-Гудман фемили“, која ги купила од приватен колекционер во Северна Каролина.
Ракописите содржат додаток на текстот на Ајнштајн за класичната теорија на унифицирани полиња, кој не бил виден од 1930 година. Научникот поминал три децении обидувајќи се да ги обедини силите на природата во една теорија.
Фото: AFP
Според наводите од универзитетот, се сметало дека овој додаток бил изгубен.
Во белешка до неговата колешка Мишел Бесо, Ајнштајн ѝ признава дека по 50-годишна посветеност и проучување тој не ја сфаќал квантната природа на светлината. Во збирката се наоѓало и писмо во кое Ајнштајн наведува дека е загрижен поради подемот на нацистичката партија во Германија.
Писмото му го испратил на својот син Ханс Алберт во 1935 година.
- Дури и во Германија работите полека почнуваат да се менуваат. Само се надеваме дека нема да има војна во Европа - напишал во писмото Ајнштајн.
Новата колекција содржи повеќе од 80.000 предмети од архивата на Алберт Ајнштајн, вклучувајќи медали, дипломи и фотографии.
Ајнштајн бил еден од основачите на универзитетот и ги донирал своите лични и научни трудови за да се создадат „Архивите на Алберт Ајнштајн“.
- Хебрејскиот универзитет е горд што е вечен дом на интелектуалното наследство на Ајнштајн, што била и негова желба - изјави директорот на архивите, Ханох Гутфројнд.
Во 2017 година писмото на
Ајнштајн за религијата било продадено за речиси 2,9 милиона долари.