X
 05.03.2019 Наука

Пишувањето на овие две букви открива многу за вашата интелигенција

Графологијата не е техника со којa се „предвидува“ судбината, како што често се мисли. Се темели на научни пристапи со кои се анализира работата на мозокот, а целта е да се добие увид во нечија личност, состојбата на свест и моменталната емоционална состојба. Графологијата може да ја открие и интелигенцијата, комуникациските и интерперсоналните вештини, наклонетоста, талентите, однесувањето во одредени ситуации.

Од мозокот доаѓа сето она што е напишано на хартија, па ракописот се смета и за еден вид „јазик на телото“.

Не постојат два исти ракописа, како што не постојат ниту две исти личности. Сите сме учеле да пишуваме на ист начин, но повторно, со текот на времето, секој развил свој стил на пишување. Општо кажано, колку ракописот повеќе отскокнува од она што сме го учеле на училиште, толку повеќе личноста успеала да развие своја оригиналност и да биде под пониско влијание од општеството, и обратно.

Само една буква може да ги покаже карактерните особини на една личност и дали личноста е интелигентна. Но, со оглед на тоа што луѓето се сложени, за вистинска анализа потребно е да се земат предвид повеќе показатели. Освен што анализата на ракописите ќе покаже кои се нашите силни страни, талентите и склоностите може и да ни помогнат да се насочиме според нив, да покажат каде сме слаби, на пример, дали чувствуваме инфериорност, нетрпеливост, недостиг на асертивност.

Ако се прашувате што најмногу гледаат експертите во анализата на ракописите, првенствено тоа е брзината со која пишуваме, колку силно стегаме кога пишуваме на хартија, положбата на буквите и зборовите, просторот помеѓу нив, големината, формата, заобленоста и закосеноста на буквите. До денес се објаснети повеќе од 400 графолошки показатели, а со нивна помош може да се добие прецизен увид во структурата на човечката личност. А кога сме свесни за своите недостатоци што нè кочат во животот, можеме да работиме на нив и да ги коригираме со помош на графотерапија.

Исто како што начинот на кој ги пишуваме буквите покажува што се случува во мозокот, така, со промена на начинот на кој ги пишуваме буквите можеме да влијаеме врз она што се случува во мозокот. Ако сте откриле дека сте нетрпеливи, веројатно затоа што на погрешно место ставете точка на буквата „ј“ или латинско „i“, тогаш со практикување 33 дена по 15 минути пишување на „j“ и „i“ и пишување на точката на правилно место се забавува развојот на нетрпеливоста.

За експерт да анализира нечиј ракопис, потребно е лицето да пишува на празна хартија без линии. Празната хартија се споредува со животот, кој претставува полн потенцијал. Начинот на кој ја пополнуваме хартијата е начин на кој го живееме нашиот живот.

По 12 години ракописот е целосно формиран и се менува со секоја нова фаза на раст и развој. Може да се менува и од ден на ден и да ја покажува моменталната емотивна состојба, но карактерните особини во ракописот не се менуваат бидејќи сите важни аспекти на ракописот остануваат исти. Една од тие особини е интелигенцијата. Интелигентните личности имаат подлабоки ментални процеси, а тоа се гледа и од добро обликуваните букви „м“ и „н“, и ако има изразена способност на концентрација (мали букви, но не премали) и ако емоционалните процеси ѝ се стабилни. За самодовербата се зема предвид големината на буквите, кои не би требало да бидат ниту премногу мали ниту премногу големи. Потписот треба да биде пропорционален на остатокот од писмото или малку поголем.

Кога станува збор за комуникациските вештини, најзначајни се отворено о, флуидноста на ракописот, читливоста на текстот. Во спротивно, човек тешко ги вербализира своите ставови и размислувања.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука