X
 24.10.2017 Култура

Работните навики на Ернест Хемингвеј


Ернест Хемингвеј
(Фото: Wikimedia Commons)


Хемингвеј имал цврсти работни навики на кои им се придржувал речиси религиозно кога работел на некое од своите дела. Кога станува збор за пишувањето, можеме да ги издвоиме следните:

Со пишување почнувал рано наутро. Станувал околу шест часот и веднаш се зафаќал со работа за да ги избегне жештините и за да пишува во тишина. Завршувал околу пладне. Секој ден пишувал 500-1000 збора. Ова се однесува на периодите кога активно работел на некој роман или расказ. Во меѓупериодите не се придржувал стриктно на распоредот, знаел да „исчезне“ и по неколку дена, поминувајќи ги во лов или риболов. Инаку, тој секој ден ги броел зборовите што ги напишал за да не се самозалажува околу неговата работа. Бројките ги запишувал на табла на која пишувало „So as not to kid myself“.

Прекинувал со пишување во моментот кога добро му одело. Како што самиот изјавил во едно интервју, имал обичај да прекине со пишување кога ќе почувствувал дека „се запенува“ од работа и во моментот кога знаел како ќе се развива дејството понатаму. Така бил подготвен веднаш да продолжи наутро без да чека наплив од инспирација. Верувал дека на тој начин однапред спречува „креативна блокада“ затоа што секој нов работен ден го почнувал на бранот од претходниот.

Со никого не зборувал за романите и за расказите на кои работел. Хемингвеј сметал дека не е добро да се расправа за работи што се во тек затоа што сметал дека тоа го убива задоволството во самиот процес на пишување. Со ваквиот режим на пишување тој создал десет романи (три се објавени постхумно) и седум збирки раскази.

Инаку, овој автор пишувал стоејќи, така што може да се каже дека и физички „прегорувал“ додека пишувал. Да се стои пет-шест часа во едно место и не е така лесна дисциплина, нели? Ернест отфрлал многу од напишаниот текст, еднаш дури кажал дека пишува „една страница од ремек-дело на 91 страница 'ѓубре'“.

Од многуте цитати што ги оставил Хемингвеј, вреди да се издвои: Ниту еден пријател не е верен како книгата.

За пишувањето: Сè што треба да направиш е да седнеш пред машина за пишување и да крвавиш.

Токму последниов цитат добро го отсликува начинот на кој творел Хемингвеј – пишувал со голема страст, но и со голема дисциплина. Веројатно и страста без дисциплина и обратно не можат да донесат резултат, но за подолгорочно пишување, потребни се и едното и другото. Некои дури и би рекле дека се неопходни.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура