X
 26.07.2016 Култура

Искреното писмо на Ернест Хемингвеј до Ф.Скот Фицџералд

 „Заборави на твојата лична трагедија... добрите писатели секогаш се враќаат. Секогаш“.

 

skot

 

Во пролетта 1934 година, Ернест Хемингвеј доби писмо од неговиот стар другар Ф.Скот Фицџералд. И покрај нивните различни ставови за политика и нивните различни погледи кон светот, Ернест и Фицџералд за брзо време станале пријатели, и редовно си пишувале со невообичаена искреност за нивните убедувања, борби и сложеноста на нивниот заеднички занает.


Фицџералд, кој тогаш го објавил романот „Tender is the night“ се обратил до неговиот стар пријател да му даде повратна информација. И секако, Хемингвеј не се воздржувал - тој му дал брилијантни отрезнувачки совети. Ви го пренесуваме писмото во целост:

Драг Скот,

Ми се допадна и не ми се допадна. Започна со прекрасен опис на Сара и Џералд. Потоа ти започна да се зафркаваш со нив, терајќи ги да прават работи кои не се својствени за нив, менувајќи ги во други луѓе, а тоа не можеш да го правиш Скот. Ако пишуваш за вистински луѓе, не можеш да им дадеш други родители од оние кои ги имаат и не можеш да ги натераш да прават нешто што никогаш не би го направиле... Имагинацијата е одлична работа, но ти не можеш да измислиш нешто што не се случило.

Токму тоа е она што ние треба да го направиме - да измислиме - но да измислиме толку вистинито што подоцна навистина ќе се случи на тој начин.

Си зеде слобода со минатото и иднината на луѓето со што создаде лажна историја. Ти, кој може да пишува подобро од било која личност, ти кој имаш толку талент. Побогу Скот, те молам пишувај вистинито без разлика кој те повредил и колку боли, но немој да ги правиш овие смешни компромиси.

Постојат прекрасни места и никој друг не може да пишува како тебе, но овој пат измами толку многу пати. А не мораше... пред многу време ти престана да слушаш освен одговорите на твоите сопствени прашања. Она што го уништува писателот е тоа што тој не слуша. Од таму доаѓа се'. Слушањето и гледањето. Ти доволно добро гледаш, но престана да слушаш. Книгата е подобра отколку што велам, но ти можеш подобро.

Ние сме како лоши акробати, но за среќа имаме и добри скокови. По ѓаволите, пишувај и не се грижи дали книгата ќе биде ремек дело или не.

Заборави на твојата лична трагедија. Сите ние сме биле повредени и секој од нас е повреден на некој начин пред да започне сериозно да пишува. Кога имаш ваква болка, искористи ја - немој да лажеш со неа. Ти не си трагичниот лик. Ниту пак сум јас. Ние сме само писатели и она што треба да го правиме е да пишуваме.

Скот, добрите писатели секогаш се враќаат. Секогаш. Ти си два пати подобар отколку што беше, во времето кога мислеше дека си одличен. Се' што треба да направиш е да пишуваш искрено и да не се грижиш за ништо.

Продолжи и пишувај.

Мил си ми и би сакал да имаме шанса да зборуваме некогаш.

Секогаш твој пријател,

Ернест.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура