Во изминатите 30 години најголемите компании за производство на чоколада, како „Нестле“, „Марс“, „Хершис“ и други, инвестирале милиони долари во научни студии и истражувања за проучување на какаото.
Компаниите донеле свесна одлука за ваква инвестиција за да ја променат сликата за своите производи од слатки на имиџ на здрава храна. Ваквите студии помогнале во градењето солидна здравствена сфера околу чоколадата, а и продажбата на чоколадата се зголемила. Иако инвестициите се претежно маркетинг, потенцирањето на темната чоколада како здрава храна, заедно со црвеното вино, боровинките и авокадото, помага во зголемената продажба на слатки (со оглед на тоа дека голем дел од чоколадните производи ги содржат споменатите состојки).
Потрошувачите сега повеќе обрнуваат внимание на купувањето темна чоколада, токму поради придобивките што се поврзани со поголемите количини на какао. Иако индустријата ова го потенцира, сепак нема доказ кој покажува дека какаото има долгорочни здравствени придобивки. А и кога е во комбинација со масти и шеќер, секоја потенцијална придобивка лесно е занемарена поради штетата што ја нанесуваат другите состојки.
Во 192 година, компанијата „Марс“ отворила центар за здравствена наука за какаото за да ја изучува неговата биологија и неговото влијание врз човековото здравје. Најмногу внимание се обрнало на микро хранливите материи кои ги има во повеќе овошја и зеленчуци, наречени флаваноли. Тие имаат карактеристики на антиоксиданти и го помагаат васкуларното здравје. Во една од студиите на центарот е и онаа во која се тврди дека чоколадата ги има овие состојки. Според резултатите, тие можат да ги подобрат расположението и когнитивните активности, темната чоколада го подобрува крвотокот, а какаото е корисно за третирање на имунолошки нарушувања и кардиоваскуларни заболувања.
Како заклучок, се истакнува дека секоја од спроведените студии покажува позитивни ефекти на какаото и чоколадата. Компанијата „Марс“ не објавува колку точно средства се инвестирани во истражувањата, велејќи дека таа информација не е јавно достапна. Како и „Марс“, вакви истражувања спровеле и други компании, како на пример „Нестле“, за да докажат дека какаото е здраво.
Постои ветувачки доказ кој покажува дека флаванолите во какаото ја зголемуваат синтезата на азотниот оксид во крвните садови, со што се забрзува и текот на крвта, па се намалува крвниот притисок. Понискиот крвен притисок се поврзува со намален ризик од кардиоваскуларни болести, како срцев удар, мозочен удар и смртност. Иако какаото може да влијае на краткорочен план што се однесува до крвниот притисок, сепак никогаш не е докажано дека го намалува ризикот од срцеви заболувања или срцев удар. Придобивката се случува само во моментот на консумација на какаото. Исто така, флаванолите за време на процесот на обработка може да бидат уништени, па многу од чоколадите може да ја немаат оваа позитивна состојка. Интересно е што и позитивните ефекти всушност се однесуваат на состојките во какаото, а не целосниот производ – чоколадата.
Се заклучува дека студиите што се финансирани од самата индустрија имаат тенденција да се фокусираат само на позитивните атрибути на какаото, но не ја потенцираат и неговата улога во засладените
чоколади, кои се во голем дел заслужни за дебелеење, поради шеќерот и калориите што ги содржат.