X
 30.03.2024 Наука

Истражување покажува дека птиците со милениуми се приспособувале на човечката активност

Пред околу 14.500 до 10.500 години, во транзицијата од последниот глацијален период, луѓето од епипалеолитот и неолитот собирале вегетација од мочуриштата на Источен Јордан, па создавале живеалишта за птиците кои инаку би мигрирале – ова го открива новата студија објавена во „Журналот за археолошки метод и теорија“.

Тоа покажува дека човечката активност не е нужно штетна за биодиверзитетот, туку може да дозволи одредени видови да кохабитираат со луѓето во одредени средини, велат истражувачите. Присуството на луѓето обично се поврзува со негативни ефекти врз флората и фауната, а нашиот вид негативно влијаел и врз биодиверзитетот во текот на историјата.

Но, во студија спроведена од истражувачи од Универзитетот во Копенхаген и Универзитетот во Торино открива дека некои човечки активности може да имаат охрабрувачки ефект врз биодиверзитетот, преку модификација на специфични екосистеми.

- Екосистемот за кој станува збор е мочуриштето Шубајка во Источен Јордан, кое сега е само сезонски поплавено. Но, неодамнешните докази покажаа дека водата веројатно била достапна во текот на поголемиот дел од годината и затоа било можно и водни птици, а и други видови да хабитираат таму во текот на годината, доколку имале соодветно живеалиште - вели зооархеологот Лиза Јеоманс од Универзитетот во Копенхаген.

Ископувањата на локалитетите во Шубајка откриле докази дека неолитските народи кои ги окупирале овие места на подолги или пократки временски периоди не само што собирале вегетација од мочуриштата, туку и ловеле водни птици и ги собирале нивните јајца и пердуви.

- Присуството на лушпи од јајца и коски од патки и лебеди во археолошките записи укажува дека овие птици навистина останале во текот на целата година и се размножувале во мочуриштата, наместо да се вратат во Европа. Знаеме дека современите потомци на овие птици можат да останат и да се размножуваат во регионот, но само ако животната средина е погодна за нив и мислиме дека човечкото управување со мочуришната вегетација обезбедило соодветни еколошки нишки за нив, преку бербата на вегетацијата - додава Лиза Јеоманс.

Управување со мочуриштата: пат до земјоделството?

Неодамнешните студии сметаат дека активностите за модификација на живеалиштата, како што се оние документирани во мочуриштата Шубајка, можеби биле важен двигател во развојот на земјоделството.

- Знаеме дека земјоделството се развило во овој регион и сугерираме дека намерното управување со мочуриштата е важна фаза во овој процес. Напорот преземен за промена на мочуриштата се исплатил, со тоа што дал подобри можности за потрага по храна - водните птици, нивните јајца и пердуви - вели антропологот Камила Мазукато.

Со милениуми луѓето и животните живееле во различни средини, приспособувајќи се на меѓусебното присуство и дејствата, а ова заедничко живеење е клучно за иновациите кои подоцна довеле до појавата на земјоделството, заклучува Мазукато.

 

Извор: Phys.org

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука