Можете ли да замислите да легнете навечер, да заспиете без проблем и чувство на замор, да спиете без прекин до утрото, и да се разбудите навреме без помош на алармот од вашиот смартфон?
Ако тоа ви изгледа како невозможна мисија, значи дека вие сте хронично ненаспани. И тоа не е нешто што може да се надомести следниот ден. Организмот има потреба од седум до осум часа ноќен сон, а недостигот на сон може да предизвика разни здравствени проблеми.
Истражување спроведено во Велика Британија во 2004 година покажа дека шест од десет лица спијат помалку од седум часа дневно, а веќе следната година тој број бил зголемен за 50%. Тоа е она што потврдува, но и загрижува дека луѓето сè повеќе се ненаспани. Недоволниот сон е една од причините за сè почестите ментални заболувања.
Тоа влијае и врз натрупувањето несакани килограми, срцеви заболувања, развој на дијабетес и висок крвен притисок. Психологот Ричард Вајсмен за „
Дејли мејл“ објасни дека тоа може да се промени.
„Ако заспиете веднаш штом ја ставите главата на перница, тоа е знак дека сте ненаспани и уморни. Би требало да имате осум до 12 минути пред да потонете во сон“, наведува тој. „Ако заспиете во првите пет минути, тоа е знак дека треба порано да одите во кревет“, објаснува Вајсмен.
„Не е добро ни ако ви треба подолго време да заспиете. Лежењето во кревет и броењето овци за да го
повикате сонот значи дека сте анксиозни“, тврди тој.
Веројатно ви се ројат многу мисли во главата кои ве држат будни. Би требало да ги исчистите мислите за побрзо да заспиете. Сепак, принудувајќи се себеси да заспиете, може да направите контраефект.
Затоа е потребно да се употреби „обратна психологија“. Зацртајте си дека ќе останете будни. Тоа ќе ве направи помалку анксиозни и ќе ви помогне побрзо да заспиете.
Истражување спроведено на Универзитетот во Глазгов опфатило две групи луѓе чии навики за спиење биле следени во текот на две недели. Од едната група се барало да останат будни што подолго, а на другата група не им било ништо сугерирано. Се покажало дека лицата од првата група биле помалку анксиозни и полесно заспивале во споредба со лицата од контролната група.
Еден од најчестите проблеми што дополнително го отежнуваат сонот е гледањето во телевизиските или екраните од паметните телефони пред спиење, затоа што така го одржуваме нашиот мозок подолго активен.