X
 26.10.2017 Живот

Сингапур повеќе не дозволува автомобили на патиштата

сингапур
Фото: Getty Images

Сингапур, еден од најскапите градови во светот за купување возило, објави дека ќе го замрзне бројот на приватни автомобили на своите патишта од наредната година, меѓутоа, вети дека ќе го зголеми јавниот транспорт.

Растот на бројот на сите патнички автомобили и мотоцикли ќе се намали од 0,25 отсто годишно до нула, почнувајќи од февруари наредната година. Градот-држава каде што живеат 5,6 милиони луѓе веќе наметна квота за бројот на продадени возила и за бројот на автомобили на патиштата, со што ги избегна масовните сообраќајни метежи што ги задушуваат другите азиски градови.

Во Сингапур е скапо да се купи автомобил, а оној што сака најпрво мора да добие потврда за купување на автомобилот што важи 10 години. Просечната цена на оваа потврда моментално изнесува околу 37.000 долари.

„Тојота корола алтис“ и „седан“ со пет врати може да чинат околу 80.000 долари, вклучувајќи ја и цената на потврдата. До крајот на 2016 година во Сингапур имало повеќе од 600.000 приватни автомобили. За замрзнувањето на бројот на приватни автомобили не бил даден одреден временски период, меѓутоа, властите велат дека ќе биде дозволено да продолжи да расте бројот на автобуси и на товарни возила.

Во соопштението во кое се најави промената градските власти соопштија дека 12 отсто од вкупната површина на Сингапур веќе се зафатени со патишта и има ограничен простор за проширување. Владата ќе потроши 20 милијарди долари во наредните пет години за проширување и надградба на транспортниот систем, вклучувајќи го и метрото, што неодамна се соочи со критики поради серија дефекти.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот