X
 27.10.2017 Култура

Борачки клуб или социјални мрежи?

1

Факт е дека романот „Борачки клуб“ од Чак Паленик се прослави дури по пробивот на филмската верзија, која кај публиката внесе и нов начин на живот по примерот на главните јунаци, обележувајќи на тој начин цели генерации, или барем еден период од нивните животи.

Феноменот „Борачки клуб“ стана некаков вид лек за генерацијата која тргна во погрешна насока, не знаејќи како да го излее својот гнев. Тајлер Дарден стана алтер его на секој човек, поточно на оној дел од личноста што има одважност да се впушти во авантура, да ги разбие стегите и лицемерните норми на секојдневието.

Одамна се знае дека најчеста кочница во остварувањето на сечии соништа е стравот од неуспех. А Тајлер не се плаши, храбро оди напред и го расчистува патот за туѓиот успех, оставајќи им ги ловориките на оние што имаат потреба од нив. Притоа, тој дозволува врз него да се излее вкупната негативна енергија што со години се собирала во човекот, таложејќи се поради неостварените амбиции во животот.

Симболично, Тајлер е и некаков вид претходник на самиот писател, негова продолжена рака која се пресметува со малограѓанската критика и апатичната публика.

Ако е јасно дека без Тајлер не може да се опстане во денешниот свет и општество, мора да се запрашаме – каде е тој денес, кога можеби е и попотребен отколку кога бил создаден во фантазијата на Чак Паленик?

Тајлер Дарден во годините што следуваа се претвори во нешто што секојдневно го опкружува целото човештво: тој се претвори во - социјални мрежи.

Бидејќи, каде на друго место може секој човек да каже сè што ќе му падне на памет, а да не се плаши од последиците, каде може да се „испразни“, а да не биде здодевен, каде може да нападне секого, а да не биде обвинет за клеветење, каде може слободно и без страв да го каже својот став или заклучок, а да не мора цврсто да стои зад него, каде има дозвола да се крие зад друго име, каде може до бескрај да се фали и да ги собира плодовите од тоа, иако знае дека не се искрени, но сепак му угодуваат на егото, каде денес може да се живее паралелен и поуспешен живот од реалниот ако не на социјалните мрежи?!

2

Тајлер Дарден можеби е вратен меѓу нас и е поопасен отколку што беше, затоа што овде не се работи за физичко празнење по затемнети и тајни борачки клубови, туку за деноноќно психичко исцрпување на интернет, кое за возврат нуди само лажна сигурност и нереален успех.

Романот „Борачки клуб“ и тоа како е актуелен и денес, затоа што секој додека чита, ќе подразмисли дали ништожноста е полоша од пеколот, дали е полошо да не се прави ништо и да се остане анонимен отколку да се направи зло и да се стане славен, ако човек не е во можност да го работи она што го сака и да се прослави со правење добри дела?

Според Паленик, такви се децата од средната класа на „Американскиот Бог“, но во суштина таква е средната класа насекаде низ светот: чесна, но анонимна, паметна, но неамбициозна, желна за разновидност, но вкалапена во нормите на малограѓанското секојдневие.

Единствен спас и бегство од тоа станаа социјалните мрежи, каде што анонимните за момент стануваат популарни и сакани, а неуспешните привидно, но само привидно ги остваруваат своите дамнешни соништа.

Треба да се чувате од Тајлер Дарден затоа што сите што го читале романот или го гледале филмот знаат дека успех како Тајлеровиот најчесто е Пирова победа за секој што го имал за сојузник или двојник, како предупредување за сите што својот живот го препуштаат на нереалниот, виртуелен свет.

Пишува: Душан Миљиќ
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура