X
 06.11.2017 Живот

Човекот што го остави својот народ на цедило: Кој е Пучдемон?


Карлес Пучдемон
(Фото: Wikipedia)


На 11 јануари 2016 година, во големата хала Палау де ла Генералитат во Барселона, седиштето на регионалната влада на Каталонија, пред насобраните политичари и граѓани се обратил 54-годишниот поранешен новинар, кој штотуку бил прогласен за нов претседател на Каталонија. Околу вратот носел златен медал на владата како симбол дека станал 130. по ред шеф на каталонската администрација.

„Стигнавме толку далеку, но не сме уморни. Полни сме со надеж. Неможното е само став“, изјавил тогаш Пучдемон пред собирот на кој присуствувале и двајца високи претставници на Мадрид, а Пучдемон звучел пркосно, барајќи поддршка од Каталонците за неговиот отворен план да установи независна република. „Сигурни сме дека иднината на Каталонија е во рамките на ЕУ“.

На 1 октомври оваа година милиони Каталонци гласаа на референдум изјаснувајќи се за самостојност. Истиот ден, владата од Мадрид со насилство се обиде да го спречи гласањето.

Четири недели по референдумот Каталонија и официјално прогласи независност, а владата во Мадрид веднаш ја покрена постапката за спроведување на членот 155 од Уставот, кој ѝ овозможува овластување на шпанската влада да управува директно со Каталонија, по разрешувањето на Пучдемон и распуштањето на каталонската влада. Шпанскиот премиер распиша и нови регионални избори во Каталонија што ќе се одржат на 21 декември 2017 година.

Партијата на Пучдемон веднаш објави дека нема да излезе на декемвриските вонредни регионални избори, откако Пучдемон и потпретседателот на каталонската влада, Ориол Жункерас, одбија да ја прифатат смената наметната од Мадрид, објавувајќи дека и натаму се сметаат за легитимно избрани претставници на граѓаните на Каталонија.

Политичката криза во Шпанија кулминира откако јавниот обвинител Хозе Мануел Маса поднесе обвиненија против Пучдемон и Жункерас поради „бунт, непослушност и малверзации со јавните фондови“. Се работи за сериозно обвинение кое предвидува затворска казна и до 30 години.

На крајот од октомври, откако белгискиот министер за миграции и азил Тео Франкен изјави дека неговата држава би можела да им даде азил на обвинетите, Пучдемон и неколку членови на каталонската влада заминаа во Брисел.

Пучдемон одржа прес во Брисел на кој побара да му биде гарантирано правично судење. Тој изјави дека нема да бега од органите на правосудството, но нема да се врати во Шпанија додека не добие цврсти гаранции од Мадрид за неговите барања. Истовремено, посочи дека нема да бара политички азил од Белгија и дека останува таму со цел „да му го објасни на светот недостигот на демократија во шпанската држава“.

Кој е всушност, Карлес Пучдемон?


Роден е на 29 декември 1962 во Каталонија. На 16 години почнал да работи како новинар за локалниот весник „Диари де Жирона“.

На универзитетот во Жирона студирал каталонска филозофија, но се откажал од студиите за да му се посвети на новинарството со полно работно време. Неколку години работел и за, во меѓувреме згаснатиот, весник „Ел Пунт“, каде што во 1988 година станал и главен уредник. Пишувал и за списанието „Презенциа“, како и за списанието на англиски јазик „Каталонија тудеј“.

Го напуштил новинарството во 2006 година кога ѝ се приклучил на Каталонската изборна алијанса, која со текот на времето прерасна во движење за независност. Поради големото медиумско  искуство, помогнал и во установувањето на Каталонската новинарска агенција, која практично била дигитален портпарол на каталонското движење. Во 2011 година Пучдемон бил избран за градоначалник на Жирона, главниот град на истоимената провинција. Со тоа ја прекинал 32-годишната традиција на владеење со тој град на претставници на Социјалистичката партија на Каталонија.

Политичкиот углед на Пучдемон дополнително пораснал кога бил избран и за член на регионалниот, каталонски парламент и кога станал претседател на Здружените општини за независност. Конечно, на 10 јануари 2016 година бил избран и за претседател на Каталонија. Тој е првиот каталонски претседател што не положил заклетва за лојалност кон шпанскиот Устав и кралот Филип Шести.

* Вчера, Пучдемон заедно со четворица свои соработници од каталонската влада ѝ се предаде на белгиската полиција, која постапуваше според европската потерница издадена од Шпанија за нивна екстрадиција во матичната земја. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот