X
 10.11.2017 Здравје

Ќе се проверува дали имаме мултиокуларен ехинококус, паразит кој усмртува луѓе

Агенцијата за храна и ветеринарство - АХВ ќе проверува дали и во земјава има мултиокуларен ехинококус, паразит кој научниците од соседна Србија го пронајдоа кај лисици и чакали во северниот дел од оваа држава. Во АХВ ќе прават лабораториски анализи за да проверат дали го имаат и македонските лисици. Се смета за многу опасен затоа што во црниот дроб кај човекот знае да се развие како малиген тумор, да метастазира и обично се открива кога е доцна за операција. Се пренесува на човек преку измет од животните што го носат. За ризична група која може да ја разболи овој паразит се сметаат и децата, кои не внимаваат на хигиената, како и сопственици на кучиња и мачки кои не им прават редовни ветеринарни контроли на домашните миленици.



Подигнато ниво на внимателност

- Агенцијата за храна и ветеринарство во рамките на годинашната Програма за контрола на ефикасноста на вакцинацијата против беснило кај лисиците ќе земе и мостри за лабораториско испитување за утврдување евентуално присуство и на паразитот мултиокуларен ехинококус. Подигнато е нивото на внимателност по појавата на болеста во соседна Србија, но засега нема да се воведат мерки за спречување на ширењето на паразитот, кој е присутен во северна Србија, само во близина на границата со Унгарија. Паразитот е карактеристичен за северниот дел на Европа и досега никогаш не е дијагностициран во Република Македонија, односно болеста не е присутна ниту во една медитеранска земја - велат од АХВ.

Оттаму препорачуваат граѓаните што патуваат во соседна Србија, особено во нејзиниот северен дел, каде што е присутна болеста, да водат сметка за личната хигиена, да ги мијат рацете по враќање од шума, но и внимателно да се движат во планина за да избегнат контакт со измет од лисици.

Од Институтот за јавно здравје велат дека досега сме немале заболени од овој облик на ехинококус. Другиот облик, гранулозен ехинококус, кој се смета за помалку опасен, го има кај нас и предизвикувал заболувања. - Во текот на една година се регистрираат случаи на лица заболени од гранулозен ехинококус кој предизвикува здравствени состојби со полесна клиничка слика или симптоми во споредба со мултиокуларниот - велат од Институтот.

Во Србија стасал од Унгарија


Опасниот, мултиокуларен ехинококус во Србија, како што пишуваат медиумите од соседството, го откриле научниците на Пастеров завод во Нови Сад кај голема популација на лисици и чакали. Паразитот не е опасен за животните, но ако од дивечот или домашните животни премине на домашни миленичиња, а потоа на човекот, може да предизвика и смрт.

Проф. д-р Душан Лалошевиќ, директор на Заводот, за српските медиуми вели дека мултиокуларниот облик на ехинококус расте на црниот дроб како малиген тумор, метастазира и обично се открива кога е доцна за операција. За ризични групи се сметаат ловци, луѓе што работат разни биолошки истражувања на терен, децата затоа што немаат хигиенски навики и нема да ги измијат рацете по играта со животни, но и сопственици на кучиња и мачки кои не им прават редовни ветеринарни контроли на домашните миленици.

Паразитот живее како возрасна единка во цревата на кучиња, чакали и лисици. Домаќин може да е и говедо или овца, а поретко човек. Единката е мала и има неколку дела. Кога ќе созрее најстариот дел, се откинува и животното преку изметот го исфрла надвор. Во него има неколку стотици јајца. Ако човекот внесе јајце во организмот, се изведуваат ларви кои се пробиваат во цревниот ѕид и преку крвта доаѓаат до некој орган, обично во црниот дроб или во белите дробови. Во нив се зацврстуваат и се развиваат. На тоа место се создава израсток.

Дијагнозата за болест предизвикана од мултиокуларен ехинококус обично се поставува со снимка со рендген-апарат. Лекувањето, пак, е хируршко.

Српските научници веруваат дека кај нив паразитот стасал од Унгарија. 
Подготвил: Н.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје