Честа паразитска инфекција наречена токсоплазмоза можеби влијае врз навиките за размислување кои ги одредуваат политичките преференции на човекот, се вели во ново истражување.
Токсоплазмоза е паразитска болест која се смета за главна причина за смрт поврзана со болести кои се пренесуваат преку храната во САД. Инфекцијата е предизвикана од паразит наречен toxoplasma gondii. Токсоплазмата може да се јави кај луѓето и кај животните, а најчесто го напаѓа централниот нервен систем.
Паразитот најчесто влегува во телото преку заразена храна или вода. Оваа болест може да биде асимптоматска кај луѓето, но може да биде опасна за бремените жени или лицата со слаб имунолошки систем. Таа може да предизвика и промени во однесувањето, според новото истражување.
Јарослав Флегр, автор на истражувањето и професор на Универзитетот „Чарлс“ во Прага, посочил дека болеста го активира имунолошкиот систем и создава воспаление за кое се покажало дека влијае врз однесувањето, вклучувајќи ги и политичките преференции.
Флегр објаснил дека паразитската болест доведува до хроничен стрес кај луѓето, кој пак доведува до промени во однесувањето и во карактерот. Ова може да влијае врз политичките преференции на погодените лица, а Флегр тврди дека има доказ за оваа хипотеза.
Фото: Pixabay
Според него, луѓето заразени со болеста може да покажат пониско ниво на совест, великодушност и потрага по нови искуства. Инфекцијата била поврзана и со анксиозните нарушувања.
Во неговото истражување, Флегр направил тестирање на 2.315 луѓе од Чешка и открил дека кај жените, заразата со токсоплазма се поврзува со полошо ментално и физичко здравје. Кај мажите, таа се поврзува само со полошо физичко здравје.
Во трудот се заклучува дека токсоплазмозата се поврзува со повисока лојалност на одредена заедница, ментална поделба помеѓу „нас и нив“, пониска културна либералност и пониско ниво на авторитаризам. Било откриено дека кај мажите инфекцијата се поврзува со поголемо преземање ризици и поголема претприемачка активност.
Извор:
Interesting engineering
Насловна фотографија: Pixabay