X
 04.07.2019 Живот

Овој паразит може со денови да живее во базените

Американските здравствени работници им порачуваат на луѓето да бидат внимателни и да се заштитат од микроскопските паразити што можат со денови да живеат во базените и предизвикаат сериозни проблеми со цревата.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) објави извештај за зголемениот број епидемии предизвикани од фекалниот паразит Cryptosporidium, попознат како крипто.

Паразитот, кој е честа причина за епидемии на болести поврзани со вода во САД, предизвикува криптоспоридиоза, болест која се карактеризира со гадење, повраќање и дијареја која може да трае со недели.

Иако за повеќето случаи не е потребен медицински третман, експертите предупредуваат дека паразитот може да биде поголем ризик за луѓето што се особено млади или стари или кои имаат компромитиран имунолошки систем.

Во извештајот на ЦДЦ се наведува просечно 13-процентно зголемување на епидемии на криптоспоридиоза во секоја година од 2009 до 2017 година.

Од ЦДЦ наведуваат дека во текот на изминатата деценија имало повеќе од 400 пријавени епидемии во САД, што довело до разболување на околу 7.500 луѓе. Од нив повеќе од 200 биле хоспитализирани, а едно лице починало како последица на болеста.

Најчестата причина за епидемиите била голтање контаминирана вода од рекреативни места.

Во околу 35 отсто од епидемиите, болестите биле поврзани со базени и игралишта, додека контактот со заразен добиток бил одговорен за 15 отсто од случаите. За 13 отсто од случаите бил одговорен контакт со заразени лица во средини за нега на деца.

Cryptosporidium живее во цревата на заразените луѓе и животни кои испуштаат форма на паразитот во нивните фекалии.

Експертите велат дека дури и траги од заразени фекалии на рацете или костимите за капење можат да ги контаминираат храната, пијалаците или базените и другите што ќе ги внесат може да се заразат.

Симптомите на криптоспоридиоза обично почнуваат да се јавуваат околу 2 до 10 дена по заразувањето. Освен дијареја, гадење и повраќање, други симптоми може да вклучат и треска, болка во стомакот, дехидратација и губење на тежина.

Паразитот е ендемичен за САД и може да зарази луѓе во базени бидејќи може да преживее дури и во третирана вода поради отпорноста на хлор и некои хемикалии. Затоа експертите велат дека луѓето со дијареја не треба да одат на базен, а другите треба да избегнуваат голтање вода од базените. Исто така, треба убаво да се мијат рацете по посета на зоолошки и треба да се внимава со малите деца.

Фото: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот