X
 10.11.2017 Култура

Забрзано растење на најмалите



Колумна на Викторија Митевска

Како е да се биде дете во ова модерно време? Воопшто не е како некогаш, како што беше моето, а уште помалку детството на генерациите пред мене. Сè е изменето – од самиот концепт на тоа што претставува детството, па понатаму.

Порано детските игри беа на улиците, во маалото, на игралиштето, во парковите. Детството минуваше низ игри едни со други. Денес, за жал, детството минува пред компјутерите и телефоните. Најдобрите другари на децата се социјалните мрежи и интернетот.

Нема повеќе останување со другарите додека не падне мрак, нема повеќе и физичка активност и дружба. Денес децата немаат своја сигурност затоа што постојано се во комуникација со родителите, тие сè повеќе прераснуваат во целосна творба на своите родители, без право и можност самостојно да донесат одлука.

Порано сè беше поинаку. Децата уживаа во сонцето, во природата, водени од желбата да си играат надвор. Денес реалноста е друга, денес едвај чекаат да играат некоја игра на компјутер и уште од мали се шетаат со телефони по улиците.

Без сомнеж и двоумење, детството на поновите генерации дефинитивно е спротивно од вистинскиот и правилен концепт за детство. Денешниот концепт е пребрзо растење, уште од мали ги внесуваме во светот на возрасните, без да можат да ја почувствуваат убавината, безгрижноста и смислата на детството. Цел живот им престои да бидат возрасни и да се однесуваат така, неминовно. Сега нека се однесуваат како што им доликува на годините и нека уживаат, нека живеат без грижи и опкружени со многу љубов и хармонија.

Време е да ги оставиме децата да растат полека, чекор по чекор, да не прескокнат ниту еден стадиум од детството, бидејќи секој е подеднакво важен. Дајте им можност да бидат деца, не одземајте им го најубавиот период од животот.

Автор: Викторија Митевска

Викторија Митевска е магистер по правни науки од областа на граѓанското материјално право. Дипломирала и магистрирала на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Желбата за пишувањето ја има од најмала возраст. И денес слободното време го користи за пишување или читање добра книга. Најмногу сака да пишува поезија, кратки раскази и колумни. Нејзиното мото е дека само преку зборовите може да ги изразиме нашиот став и мислење, како и сето она што го чувствуваме во срцето.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура