X
 06.04.2021 Наука

Астероидот што ги убил диносаурусите придонел за создавање на Амазонија

Ударот од астероидот што ги убил диносаурусите го предизвикал раѓањето на тропските прашуми на Земјата, како Амазонија, покажува ново истражување. Истражувачите анализирале фосилни остатоци од полен и листови од Колумбија за да истражат како ударот од астероидот влијаел врз тропските шуми во Јужна Америка.

Било откриено дека ударот од астероидот, за кој се претпоставува дека бил широк 12 километри, драстично ги сменил овие шуми кога се случил пред 66 милиони години. Моника Карваљо од тропската истражувачка институција при „Смитсонијан“ во Панама, која била дел од истражувањето, открила дека биле анализирани 50.000 примероци од полен и над 6.000 примероци на листови од периодот пред и по ударот.


Фото: Pixabay

Некои растенија, како папратот, биле распространети пред ударот на местото на сегашниот полуостров Јукатан во Мексико. Диверзитетот на растенијата се намалил за околу 45% и изумреле многу растенија по ударот во овој регион.

За време на обновувањето на шумите во следните 6 милиони години доминирале поинакви растенија. Во овој период се сменила и структурата на тропските шуми на тој начин што дрвјата по ударот имале поголеми крошни кои пропуштале помалку светлина на површината.


Фото: Pixabay

Истражувачите предлагаат повеќе објаснувања за оваа промена. Според нив, дрвјата претходно можеби немале толку густи крошни бидејќи диносаурусите ги јаделе листовите. Промената можеби е резултат на прашината од астероидот која ја направила почвата похранлива или пак изумирањето на пониските растенија оставило простор за растење на поголемите растенија.

Истражувачите додаваат дека сите овие можни причини заедно придонеле за создавање на шумите што ги имаме денес.

Извор: bbc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука