X
 18.10.2024 Технологија

„Амазон“ ја освежува понудата за е-читачи: додадена и варијанта со екран во боја

„Амазон“ претстави цела линија на нови електронски читачи „киндл“ - со еден потег ги освежи постојните модели и го претстави првиот „киндл“ со екран во боја, кој на корисниците ќе им даде поголем избор.

Моделот од почетно ниво, кој отсекогаш се нарекувал само „киндл“, сега тежи само 158 грама и сè уште го нуди познатиот екран со е-хартија без отсјај. Во новата верзија тој има побрз хардвер, така што искуството со вртење страници ќе биде побрзо, контрастот на екранот ќе биде малку поголем, додека предното светло ќе биде до 25 отсто посветло, споредливо со она на моделот „пејпрвајт“. „Киндл“ од почетно ниво доаѓа и во нова зелена боја, наречена мача, и нуди простор за складирање од 16 гигабајти.

„Киндл пејпрвајт“, омилениот модел со заднинско осветлување во новата генерација, исто така е 25 отсто побрз при вртење страници, нуди уште поголем контраст благодарение на новата технологија на екранот, кој е малку поголем и има дијагонала од 7 - најтенка во споредба со претходните генерации, додека неговата батерија може да издржи и до три месеци помеѓу полнењата. Сѐ уште е водоотпорен уред со 16 гигабајти простор за складирање, но е достапен и во варијанта со 32 гигабајти, со опционално безжично полнење, а и нуди избор од три бои – „метална“, боја на малина и класична црна боја.

„Киндл скрајб“ е дизајниран како дигитална тетратка и е-читач во едно, така што овозможува пишување на екранот со е-мастило како на хартија. Доаѓа со специјално пенкало за овие цели, кое има гума за бришење на другиот крај, со цел искуството на пишување во дигитална тетратка да биде што е можно послично на она во аналогниот свет. Презентацијата на новите уреди не би била целосна доколку не се спомене вештачката интелигенција - на моделот „скрајб“ ќе може да се ставаат белешки или текстови, да се претвораат во рачно напишани белешки, кои потоа ќе можат да се складираат или споделуваат.

Вистински новитет во ова освежување на понудата е моделот „киндл колорсофт“. Како и другите од понудата, нуди брзо прелистување на страниците, осветлување на екранот, но со додавање боја. Ова е благодарение на новиот панел на иновативна технологија со нитридни ЛЕ-диоди, кој нуди две опции за прикажување - стандарден и оној со поживи бои. „Киндл колорсофт“ ќе може и безжично да се полни, неговата батерија ќе трае до осум недели, а исто така е водоотпорен.

Основната верзија е веќе лансирана на (американскиот) пазар по цена од 110 долари. „Пејпрвајт“ е достапен за 160 или 190 долари, во зависност од количината на складирање, додека „колорсофт“ ќе биде достапен на крајот на месецот за 280 долари. Новиот „киндл скрајб“, пак, ќе се најде во продажба на 4 декември, а ќе чини 400 долари.

Извор: bug.hr

Фото: Amazon

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија