X
 15.11.2017 Живот

Драг ученику, не мора да биде така

deca

Драг ученику,

Секој ден во животот се соочуваш со десетици избори.
Само твоја одлука ќе биде таа што ти ќе ја избереш.
И денес сам избираш, а знам дека не е секогаш лесно да избереш паметно.
Не ми е ни мене.

Можеби твојот избор ќе влијае врз другарите.

Можеби е важно тие да те прифатат, а не знаеш како да го постигнеш тоа. Некој ќе те сака затоа што засмејуваш, некој затоа што секогаш може да се потпре на тебе, некој затоа што слушате иста музика или тренирате ист спорт. Ги има и такви што ќе те прифатат дури кога ќе започнеш да ги правиш истите активности како нив, иако знаеш дека тоа не е добро ниту за тебе ниту за нив. Во некои групи врсниците можат да влезат само ако пијат, ако користат дрога, ако удираат кучиња по улица, ако кршат клупи во паркот, ако им ги крадат парите на другите врсници, ако учествуваат во малтретирање на другите. Тие се гласни, мислат дека се особено важни, сакаат сите да се плашат од нив. Си помислуваш - подобро е да бидеш со нив отколку да се плашиш од нив. Она што не го знаеш е дека тие не се храбри, ниту важни. Тие се несреќни, а ова е единствениот начин на кој се сетиле дека можат да станат среќни, барем на момент. Мислат дека ќе бидат среќни ако го направат некој уште понесреќен.

Ти избираш дали ќе учествуваш во тоа. Ти избираш дали таа лажна краткотрајна среќа ќе биде причина за нечија несреќа. Ти избираш дали некој ќе плаче поради тебе, дали ќе биде повреден, дали ќе има здравствени проблеми. Знам дека овој избор е многу потежок отколку што изгледа кога ќе се напише. Знам дека ти е страв. Се плашиш од овие насилни групи, стравуваш да не станеш нивна жртва, гледаш дека се спремни да лажат, да се тепаат, да исмејуваат и навредуваат, да крадат патики, телефон, пари. Кога ќе пораснеш, ќе сфатиш дека биле кукавици кои редовно ги напаѓале најслабите, најтивките, оние што никому не му замерувале. Тие бараат лесни цели бидејќи се плашат да не бидат следни. Се сомневаш дека ќе имаш доволно сила да им се спротивставиш. Не знаеш дали ќе можеш да им се спротивставиш или да ги избегнеш. Сепак, она што не го знаеш е дека и тие, кога некој ќе ги пријави, пред родителите, полицијата, наставниците, плачат и молат никој да не ги пријави и низ солзи ветуваат дека тоа повеќе нема да го прават. Ти кажувам, само кукавица може да малтретира послаб од себе. Ти избираш дали ќе им се придружиш или ќе пораснеш во пристоен човек.

Треба да знаеш дека не си сам. Доколку се плашиш дека насилниците ќе те нападнат или веќе те нападнале, разговарај со возрасна личност на која ѝ веруваш - родители, чичковци, тетки или одделенски наставници, психолози, директори, полицаец. Не бори се сам. Нема потреба. Најмалку една од наведените личности ќе биде подготвена да се бори со тебе.

Одлучи да не им се придружиш на насилниците.
Не биди како нив.
Не мора да биде така.
Имаш избор.
Биди човек.

Можеби твојот избор ќе влијае врз состојбата во семејството

Можеби секој ден си присутен кога се караат, навредуваат, расправаат родителите. Тебе не те ни гледаат. Не ги интересира како се чувствуваш, како ти е на училиште, со кого се дружиш, што те интересира во животот. Ти е срам да викнеш некој дома бидејќи знаеш што ќе затекнат. Ти доаѓа да им се раздереш и да кршиш. Не ти е јасно зошто баш ти мораш да имаш ваков живот, и во тебе бесот постојано расте. Она што не го знаеш е дека постојат многу врсници што се наоѓаат во слична ситуација.

Свесен си дека не можеш да го поправиш твоето семејство. Семејното насилство е кривично дело и треба да се пријави во полиција, но никое дете не е подготвено да ги пријави своите родители. Сепак, можеш да зборуваш со некој возрасен за овој проблем.

Можеби твоите родители не се расправаат, туку само трчаат на работа, заработуваат, ти купуваат најскапи патики и мислат дека тоа е она што ти треба. А тебе ти треба тие почесто да се дома, да разговараат со тебе и да покажат дека ги интересира што ти се случува, и што е ново кај тебе. Ти се чини дека не се заинтересирани за тебе, не те почитуваат и другите работи им се поважни од тебе. Не ти е доволно тоа што те прашуваат дали ти требаат пари. Сакаш да те прашаат како си, и притоа да не брзаат никаде. Тажен си, а со текот на времето повторно започнува да расте бесот. Сакаш да им го привлечеш вниманието, да направиш нешто поради што ќе забележат дека постоиш, да им се одмаздиш затоа што никогаш не се тука за тебе.

За жал, многу врсници се соочуваат со вакви ситуации и не знаат како да се изборат со својот гнев. Тогаш тие го прават најстрашното нешто и ги напаѓаат послабите. Најчесто тоа се нивните врсници. Оние со кои би требало да се дружат, да разговараат за проблемите, да си помагаат едни со други. Нив ги тепаат, малтретираат, навредуваат, понижуваат, баш онака како што родителите прават дома или само за да им го привлечат вниманието на нивните родители.

Ти одлучи да не станеш насилник.
Туѓите солзи нема да направат твојот проблем да исчезне.
Нема да ја поправат неправдата.
Не мора да биде така.
Имаш избор.
Биди човек.

Порасни во добар човек поради кој никој не плачел, не викал во сон, не се плашел поради него да оди на училиште. Немој да бидеш оној што ќе уништи нечие детство. Биди оној што општеството ќе го сака и почитува. Знам дека тоа е потешкиот пат, но немој да бидеш насилен само затоа што во моментот тоа ти се чини полесно.

Те поздравувам и навивам за тебе!

Автор: Љубинка Боба Недиќ
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот