X
 13.03.2016 Здравје

Македонското општество недоволно развиено за децата со аутизам

1

 

Аутизмот по дефиниција е нарушување на невролошкиот развој што се одликува со намалена способност за социјализирање и комуницирање како и со ограничено и повторливо однесување. Најчестите симптоми на аутизам се забележуваат пред три годишна возраст, а тие можат да бидат благи и некогаш незабележителни и може да варираат во зависност од децата.


Научниците се`уште се обидуваат да откријат која е вистинската причина за ова нарушување, меѓутоа постојат докази кои покажуваат дека гените играат голема улога. Научниците успеале да докажат дека оние родители кои имаат едно дете кое страда од аутизам постои 19% поголема веројатност и другото дете да го има ова нарушување.

Аутизмот најрано може да се препознае кај 18 месечно дете. Родителите се обично првите кои забележуваат дека нешто не е во ред, а најчестите симптоми се повторување на движењата, задоцнет говор, необјаснет бавен напредок во учењето, нарушување во способноста за социјализација, нарушување во способноста за комуникација, ограничени интереси, необичен начин на јадење и слично.

За аутизмот не постои лек, меѓутоа со помош на тим на доктори може да им се помогне на децата со аутизам да ги пребродат потешкотиите - докторите советуваат дека колку порано започнува третманот, толку се подобри резултатите. Она што е важно луѓето да го знаат дека аутизмот не го дефинира детето како личност исто како што кратковидноста или прекумерната тежина не го дефинираат човек.

Детето кое има аутизам има нарушена сензорна перцепција што значи дека секојдневните звуци, мириси, вкусови и глетки за него се доста болно искуство, а целата околина му изгледа непријателски настроена. Говорот и фондот на зборови за аутистичното дете често пати се непознати и тоа често пати не може да разбере тоа што му го кажувате, особено ако викате. Не користете идиоми и двосмислени зборови затоа што аутистичното дете говорот го интерпретира буквално.

Aутистичните деца во Македонија

Во Македонија нема регистер за аутизам со кој ќе се покаже точната бројка на деца со ова нарушување. Македонското научно здружение за аутизам води евиденција за оваа состојба, меѓутоа велат дека бројката е многу поголема отколку регистрираните лица. Министерството за здравство очекува да се изготви регистарот, меѓутоа нема излезено со официјални информации за тоа колку лица се евидентирани. Според светските статистики, кај нас би требало да има околу 12.000 аутистични лица.

Се чини дека семејствата кои имаат деца со ова нарушување се пред огромен предизвик - првенствено поради прифаќањето на дете со аутизам во социјалното опкружување и воопшто во општеството. Македонскиот народ недоволно е запознаен со овој вид на нарушување, па често пати децата со аутизам, односно нивните родители, се соочуваат со еден вид на дискриминација од другите родители. За голем дел од родителите е неприфатливо нивните деца да учат со деца со посебни потреби според истражувањето „Знаење, ставови и практики за вклучување на децата со попреченост во Македонија“ на УНИЦЕФ направено пред 2 години.

„Децата со аутизам и аутистичен спектар, како и нивните фамилии, во Р. Македонија се соочуваат со големи потешкотии во секојдневното функционирање. Најголемата нивна празнина е во полето на социјализација и прифатеност од општеството. И покрај зголемената актуелизација на оваа состојба, и за жал, зголемениот број на деца со аутистични елементи, сепак слухот на македонскиот граѓанин за вистинско нивно прифаќање, не е на завидно ниво. Се уште постојат, предрасуди, и бариера која се поставува меѓу „здравите” и децата со аутизам. Затоа, на секое од нашите деца треба да му говориме дека сите луѓе како индивидуи сме различни помеѓу себе, и имаме сопствено поле на функционирање, па така и децата со аутизам не се ништо помалку од нас во нашето заедничко секојдневие“, вели дипломираниот дефектолог Марина Ѓоргиевска од Битола.

Причините за неприфаќањето на овие деца воглавно се недоволната информираност на населението како и несоодветна обука на наставниците во училиштата за работа со овие деца. Со тоа се отежнува самиот образовен процес на овие деца.

„Сметам дека секој вработен во образовниот процес, превзема онолку колку што е во негова моќ. Првенствено тука ги ставам наставниците, дефектолозите и лицата вработени во психолошко педагошките служби. Но ќе нагласам дека не е се во нивни раце. Бидејќи и покрај законот за инклузија кој што е спроведен во образованието, сепак треба да се обезбедат многу повеќе услови, за таа инклузија вистински да функционира. Најпрво да се вработи доволен број на професионален стручен кадар за работа со децата со аутизам. Бидејќи секое дете со аутистични елементи бара различен пристап и третман. Сите овие недостатоци, како и недоволната свест на нас, граѓаните, придонесува и за неприфаќање и дискриминација на децата со аутизам. Треба секој човек да тргне од самиот себе и од менување на сопствените видици кон општеството, доколку сакаме сите да бидеме прифатени како вредни индивидуи и покрај сите наши недостатоци кои ги носиме во себе“, вели дефектологот Ѓоргиевска. 

 

Во светот нов случај на аутизам се дијагностицира на секои 20 минути, а статистиката покажува дека 1 на 45 деца има аутизам. 

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје