21.04.2021
Живот
10 илјади фирми ќе добијат помош од шестиот пакет мерки
Шестиот пакет мерки опфаќа седум мерки со кои се таргетирани најпогодените сектори од корона-кризата, со вредност од 17,8 милиони евра, при што ќе се поддржат 10.000 компании кои вработуваат околу 60 илјади граѓани, соопштија заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министерот за финансии Фатмир Бесими, министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Развојната банка, Кире Наумов, на заедничката прес-конференција, пишува во соопштението од Влада.
Вицепремиерот Битиќи нагласи дека од самиот почеток на кризата Владата носи сеопфатни мерки на секои три до четири месеци, во консултација со сите засегнати страни, како и со меѓународните финансиски институции, со цел задржување на ликвидноста на компаниите и на работните места за граѓаните. Тој додаде дека пред точно две недели, по препорака на Комисијата за заразни болести, Владата донесе одлука за делумно затворање на угостителските објекти заради заштита на здравјето на граѓаните и спречување на ширење на вирусот.
- Ставаме на располагање 17,8 милиони евра, таргетирана финансиска поддршка за 12 категории економски дејности. 17,8 милиони евра со кои ќе се поддржат близу 10.000 компании и околу 60.000 вработени, наши сограѓани - потенцира Битиќи.
Тој ги презентира сите мерки од шестиот пакет.
- На сите угостителски објекти ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 и 2020 година, на кој ќе се аплицираат деновите во кои овие дејности беа затворени. Дополнително, сите регистрирани угостителски објекти ќе добијат 15.200 денари финансиска поддршка по вработен, заклучно со 06.04.2021 година. Со оваа мерка ќе бидат поддржани околу 6.000 угостителски објекти кои вработуваат 17.000 луѓе, проценета вредност на мерката е 9,9 милиони евра. На речиси ист принцип, со 2,5 милиона евра ќе се поддржат категоризирани – ресторани за свадби, игротеки, ноќните клубови, приватните детски одморалишта, фитнес-центри, фотографи и фотографски студија. Во овие категории спаѓаат околу 1.200 компании на кои ќе им бидат покриени 30% од приходите, износ кој ќе се пресметува како просек од просечниот месечен приход во 2019 година, дополнително ќе добијат поддршка од 15.200 денари по вработен, заклучно со 31.12.2020 година - соопшти вицепремиерот Битиќи.
Тој додаде дека туристичките агенции ќе бидат поддржани со 1,4 милион евра. Притоа туристичките агенции со А-лиценца ќе добијат до 5.000 евра, а туристичките агенции со Б-лиценца ќе добијат до 2.000 евра. Финансиска поддршка од 30.750 денари ќе добијат и сите музичари, членови на здруженијата на музичари, како и лиценцираните туристички водичи, кои во текот на 2020 година имале просечен месечен нето-приход под 15.000 денари.
Околу два милиони евра се наменети за компаниите кои ја реинвестирале добивката од 2020 година, мерка која ќе се реализира преку Развојната банка, а ќе им помогне на компаниите да ја зголемат ликвидноста, да ги реализираат своите инвестициски планови и да продолжат со својот развој, преку субвенционирање на каматни стапки. Преку бескаматна кредитна линија преку Развојната банка од еден милион евра ќе се поддржат медиумите кои емитуваат радио и телевизиска програма.
- Во очекување на претстојната туристичка сезона и како дополнителна поддршка и помош за домашната туристичка, а со тоа и угостителска дејност, ќе се овозможат бесплатни 50.000 ПЦР-тестови за странските туристи што престојувале во државата - рече вицепремиерот.