X
 19.11.2017 Култура

Меморија - оган кој сѐ уште силно гори!

Звучеа како некогаш, а можеби и подобро. Ни подарија љубов што ни недостигаше, ко со временска машина не вратија – едни во детството, други во младоста, ама важно - сите на едно многу убаво место - во спомените!



Делириум од радост, насмевки, нескриени солзи, илјадници грла ко едно - ова е сликата на концертот на легендарната "Меморија", што се одржа синоќа во "Метрополос Арена" во Скопје. Неколкуилјадната публика од цела Македонија ја исполни салата, а богами не сакаше ниту да ја испразни ниту по полноќ.



"Меморија" звучеше како некогаш, а можеби и подобро. Ни подарија љубов што ни недостигаше, ко со временска машина не вратија – едни во детството, други во младоста, ама важно - сите на едно многу убаво место - во спомените! А, стиховите едноставно извираа токму од таму, иако некои од нив можеби не сме ги чуле и две децении.



Апостол Поцевски-Поце, Петар Георгиевски-Камиказа, Валентино Скендеровски, Бане Поповиќ, Димитар Божиков и другите - тоа се последните фраери на македонската поп и рок сцена!



Повеќе од несебичен беше нивниот гест на сцена да ги донесат дел од музичарите кои во 80-те и 90-те години од минатиоит век правеа македонската музичка сцена да биде врв на Балканот. Одекна антологиската "Пушти коси" на гевгелиската "Зијан". Драги гости беа Мики Јовановски-Џафер, исто така и Гранит Таки и Леа Таки кои го изведоа хитот "Неправда". Џафер ја изведе "Одам на југ", Пере од Нокаут ја изведе преубавата "Бестрага". Ристо Самарџиев не потсети на "Дирлада", "Нена" и други хитови од времето кога тој беше вокал на бендот. "Македонија", "Оган под ѕвездите", "Зошто боже" грмеше публиката во еден глас.



Изборот и предгрупата да изведува македонски песни се покажа како добар потег. Публиката ги прости и тремата на пејачот на бендот Logout, Марко, кој беше пресреќен да биде дел од концертот.



"Меморија" и 18 ноември ќе биде мемориран датум во историјата на македонската концертна историја. "Меморија" докажа дека народот ја сака добрата македонска музика и дека и недостига. Таква искрена енергија на концерт е реткост. Тоа покажува дека Камиказа и сите на сцената со многу љубов и искреност го направија целото, во името на нејзиното височество музиката.

"Меморија" – да си жива и здрава!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура