X
 12.01.2023 Наша тема

Ебилиоскоп од 1534 и фрижидер од 1832 година привлекуваат посетители во Винскиот музеј во Кавадарци

Значаен предмет во музејот е и фрижидер кој потекнува од 1832 година и е изработен доста професионално за тоа време, тоа е рачна изработка на локален мајстор. Внатрешниот дел има 3 прегради, а во средната преграда се ставал мраз. Мразот се носел од едно место во близина на Кавадарци наречено Мечкина Дупка, каде што благодарение на географската положба и длабочината на дупката од 50 метри, го имало преку целата година. Овој фрижидер е единствен во нашата држава и ни дава сведоштво како во тој период се ладеле виното и ракијата за да можеле да се служат пред консументите, ни изјави Весела Честоева, директорка на музејот

Ладилник или фрижидер кој потекнува од 1832 година. Ебилиоскоп кој служел за мерење на јачината на виното во малигани, а потекнува од 1534 година и е меѓу првите на Балканот. И уште многу други музејски предмети се дел од локалниот Вински музеј – Кавадарци, кој претставува Специјализиран регионален музеј и е прв од ваков тип во Македонија.
Со овој музеј градот Кавадарци доби регионален центар за развој на винскиот туризам. Музејот почна со работа на 7 септември 2020 година, а се наоѓа во срцето на Градскиот парк во Кавадарци.



Мелница за грозје од 19 век

На површина од 100 квадратни метри има изложбена поставка - музејски дел и комерцијален дел каде што се изложени вина од сите винарници во Тиквешијата, ни сподели директорката на музејот, Весела Честоева.

- Вината се изложени во посебни витрини и се дел од музејската поставка. Станува збор за вина произведени во големи и средни винарници, но и во мали семејни винарници.
Во музејската поставка се изложени голем број музејски предмети и оригинални фотографии кои претставуваат сведоштво за тоа како течел процесот на производство на вино и ракија, од каде што го издвојуваме казанот за варење ракија кој потекнува од крајот на 19 век и е еден од позначајните музејски предмети од тој период. Видно место во самата музејска поставка зазема и мелницата за грозје, која исто така потекнува од крајот на 19 век - ни изјави директорката Честоева.

Најстар предмет во музејската поставка е ебилиоскопот кој потекнува од 1534 година и е меѓу првите на Балканот. Служел за мерење на јачината на виното во малигани.



- Ебилиоскопот потекнува од 1534 година, бил во сопственост на фамилијата Велкови, која во тогашно време ја имала една од најстарите винарски визби во Кавадарци. Самиот ебилиоскоп служел за мерење на малигани, односно шеќерните единици во виното, на начин кој во тоа време бил многу современ. Се ставало виното и со помош на загревање на делот како газиена ламба, со постигнување одредена температура, се мереле точно малиганите на виното кое било предмет на производство. Овој предмет е направен во Австрија, донесен од страна на фамилијата Велкови и такви исти предмети има уште три во светот. Тоа е доста интересен предмет кој привлекува големо внимание кај посетителите - споделува нашата соговорничка.

Првата винарска визба била на фамилијата Велкови

Значаен предмет во музејот е ладилник или фрижидер кој потекнува од 1832 година и е изработен доста професионално за тоа време, тоа е рачна изработка на локален мајстор.



- Внатрешниот дел има 3 прегради, а во средната преграда се ставал мраз. Мразот се носел од едно место во близина на Кавадарци наречено Мечкина Дупка, каде што благодарение на географската положба и длабочината на дупката од 50 метри, го имало преку целата година. Овој фрижидер е единствен во нашата држава и ни дава сведоштво како во тој период се ладеле виното и ракијата за да можеле да се служат пред консументите - раскажува Честоева.

Музејот располага и со голема колекција на етикети за вино и ракија кои, исто така, се дел од производството на првата винарска визба на фамилијата Велкови, кои се оригинални етикети и потекнуваат исто така од 1885 година, тие се од алкохолни и безалкохолни пијалаци кои оваа винарска визба ги произведувала.



- Станува збор за жилавка, тоа е сорта на вино, станува збор за ракија вишњевача, ракија ореовача, бело трпезно вино, исто така и коњак и крушковача ракија. Oд неодамна, со одлука на Советот, на музејот му се дадени на користење и Градскаta винотека и Туристичкото информативно биро. Целта е промоција на винскиот туризам во сите сегменти како еден од приоритетите на Винскиот музеј, но и другите природни убавини како што се Моклиште, Витачево, Тиквешко Езеро, старите цркви и манастири. Винскиот музеј е организатор и на многу настани поврзани со винската традиција, како Свети Трифун, Месецот на младо вино, Винскиот салон, со што сакаме да се издигнеме високо на мапата на задолжителни дестинации кога е во прашање винската култура. За тоа, всушност, зборува и посетеноста на Музејот во овие две години - вкупно 8.000 посетители - информира Честоева.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема